
Протестот на романските одгледувачи на овци во Букурешт ескалираше во судири со полицијата, која употреби солзавец. Неколкумина се примени во болница со полесни повреди, а на неколку луѓе им беше пружена лекарска помош на местото на инцидентите. Повеќе од 20 демонстранти се приведени.
Според првичните информации на жандармеријата, помеѓу демонстрантите најверојатно имало „инфилтрати и агитатори“ кои се обиделе да ги испровоцираат немирите.
Помеѓу демонстрантите беше забележен и транспарент – „„Калин Георгеску е претседател“. Подоцна, група демонстранти го скандираа името на поранешниот кандидат на ултрадесницата за претседател на откажаните избори во 2024 година.
На демонстрантите им се придружија и поддржувачите на ултрадесничарските партии Алијанса за единство на Романците и СОС Романија.
Насилните протести ги осуди претседателот на Романија, Никушор Дан, истакнувајќи оти актите на агресија и вандализам мора строго да се санкционираат во согласност со законот.
– Ниедно незадоволство не може да го оправда таквото однесување или загрозувањето на другите граѓани на улиците. Подеднакво сериозно и осудувачко е поттикнувањето насилство и обидот на неодговорните политичари вештачки да ја ескалираат јавната тензија со цел да присвојат легитимен митинг што произлегува од основани поплаки, наведе Дан.
Според него, дијалогот останува единствениот начин за наоѓање решенија.
– Тешкиот социјален, економски и политички контекст е реален и генерира сериозно и оправдано незадоволство во нашето општество. Сепак, насилството никогаш не било и никогаш нема да биде решение. За жал, сведоци сме како говорот на омраза – кој сè повеќе се шири во јавниот простор, вклучително и онлајн – доведува до сериозни последици и ескалира во дејствија за кои е жално. Повикувам на разум и одговорност, посочи Дан.
Додека премиерот во заминување Илие Боложан изјави дека репрезентативната организација на одгледувачи на овци не учествувала во денешните протести, бидејќи некои од барањата изнесени денеска биле дискутирани на шесте претходни состаноци помеѓу претставници на секторот и властите.


