
Во Кривичниот суд денеска започна судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во врска со случајот со 350.000 евра кои беа пронајдени скриени во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
На стартот од постапката, Ристов изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.
Според обвинението, станува збор за непријавени и неевидентирани 350.000 евра, пронајдени заѕидани во кујната на семејниот дом. Парите биле спакувани во 13 одделни пакувања и скриени во шуплини меѓу циглите во ѕидот на една од просториите.
До откривањето на парите, како што наведуваат од истрагата, дошло по претходен случај во кој адвокатот Фехмо Стафа бил фатен при примање 50.000 евра. Тој во својата изјава навел дека парите биле наменети за посредување со влијание врз апелациски судија за укинување на мерка притвор.


