Утрински Весник
Македонија

Стојанче сурово ја малтретирал Ивана откако таа му го препишала својот дел од станот!

Whatsapp image 2026 03 13 at 16.17.00.jpeg

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице кое се товари за три кривични дела поврзани со семејно насилство, закани и наведување на самоубиство. Според обвинението, осомничениот се гони за кривичните дела телесна повреда како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство, предвидени во Кривичниот законик.

Како што информира Обвинителството, на 2 март на повеќе локации во Скопје обвинетиот физички ја нападнал својата сопруга, нанесувајќи ѝ телесни повреди. Тој ја удирал со шлаканици и тупаници, при што жената во еден момент изгубила свест.


Истиот ден, на паркинг зад Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот упатил сериозни закани кон неа, заканувајќи се дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што кај оштетената предизвикал чувство на страв, несигурност и загрозеност.

Според прибраните докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата, која била во положба на фактичка и егзистенцијална зависност од него. Обвинителството наведува дека токму таквото однесување довело до трагичниот исход на 2 март, кога жената извршила самоубиство.

Во обвинението се наведува дека во ноември 2022 година обвинетиот ја убедил сега починатата Ивана Јовановска да му го отстапи својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, преку договор за дар. Иако било предвидено мајката и детето да продолжат да живеат во станот, по стекнувањето на сопственоста обвинетиот започнал со психичко и физичко малтретирање, кое во текот на 2025 година прераснало во сурово и нечовечко постапување.

Според обвинителството, обвинетиот често ја тепал и ја навредувал сопругата, и тоа во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места и пред сведоци. Тој ѝ се заканувал дека ќе ја избрка од домот и дека ќе ѝ ја одземе ќерката.

На критичниот ден, по нови закани и физичко малтретирање на повеќе локации, жената се вратила во станот со детето. Таа побарала да се качи сама со ќерката за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да оди со неа и продолжил со закани.

Сведок присутен на местото го оттурнал обвинетиот и го извел надвор од зградата за да ја почекаат жената да се подготви за заминување. Сепак, според обвинението, претходното малтретирање ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и чувство на безизлезност.

Во таква состојба, без да може разумно да ги контролира своите постапки, таа скокнала од терасата на станот на шестиот кат заедно со нивната малолетна ќерка.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела.

Можете да прочитате

ДУИ предлага ваучер од 3.000 денари за работниците кои работат надвор од местото на живеење

 Димитриевски: Македонскиот народ и историјата не се предмет на компромис

Тешко повреден пешак во Куманово