Стартот на новата Влада се покажа како далеку од сјаен за ВМРО-ДПМНЕ, кои уште неседнати во фотелјите започнаа да редат скандали и негативни вести. Разочарани гласачи поради попуштања од принципите е тоа што ги обележува првите месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Единствена светла точка, која се обидува да креира позитивни вести, наспроти скандалите, е Стојанче Ангелов, како директор на Центарот за управување со кризи, позиција која што ја држи уште од претходната влада. Со оглед на тоа што целата држава се соочува со пожари повеќе од еден месец, Ангелов со својот тим е нон-стоп на терен, обидувајќи се да прикаже дека барем дел од институциите се активни и работат.
Наспроти него и покрај тоа што гори целата држава, премиерот Христијан Мицкоски го помина вчерашниот ден на илинденски прослави, а потоа реши со службени возила да отиде на приватен ручек на риба во Радожда. Додека горат над 500 квадратни километри, Мицкоски најде време за уживање покрај брегот на Охридското Езеро.
Истовремено, земјата се вовлекува во меѓународен скандал, откако косовската претседателка, потпомогната од обезбедувањето на претседателот на Собранието, поддржан од Мицкоски, Африм Гаши, направија инцидент на скопскиот аеродром. Се разбира, нема никаква реакција од Мицкоски за ваквиот скандал и за злоупотребата на функцијата од страна на Гаши.
А дека граѓаните не се во интерес на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат и податоците дека и покрај целата ситуација во која што се наоѓа земјата, Мицкоски со бизнис класа патува за САД, министерката за финансии кажува дека доколку ѝ се намали платата, таа ќе си замине од функцијата. Токму нејзината партија, ВМРО-ДПМНЕ, беше таа која бараше повлекување на зголемувањето од 78 отсто на платата на функционерите, пред тие да дојдат на власт.
Односот на Мицкоски со стопанските комори дополнително покажува дека во фокус на партијата не се граѓаните, туку големите бизниси. Неговиот поданички однос кон претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески и најавите дека ќе ги намалуваат даноците за најголемите компании, истовремено воведувајќи давачки за поединците само покажува какво ќе биде четиригодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот однос на ВМРО-ДПМНЕ во првите неколку месеци од владеењето не може да биде „испран“ од обидите на Ангелов да покаже дека државата работи во функција на граѓаните, бидејќи, сепак и покрај неговите напори, државата продолжува да гори, а ВМРО-ДПМНЕ дури одби и да ги награди пожарникарите кои секој ден го ставаат својот живот на ризик.