Девет најдобри студенти во четврта година на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје ќе добијат стипендии од осигурителни компании. Оваа новост ја предвидува трипартниот меморандум за соработка што денеска, на Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември, на Економскиот факултет го потпишаа проф. д-р Крсте Шајноски, претседател на Совет на експертите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), проф. д-р Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет, и Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на финансиските организации при СКСМ, кој воедно е и генерален директор на „Триглав осигурување“ АД.
Иницијативата на АСО за стипендирање студенти доби поддршка од Економскиот факултет и беше прифатена од следниве девет осигурителни компании: „Триглав осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, „Еуролинк“, „Граве неживот“, „Халк осигурување“, „Евроинс“, „Сава осигурување“, „Кроација осигурување – живот“ и „Граве“. Секоја од компаниите ќе додели по една годишна стипендија во денарска противвредност од 1.000 евра.
Во рамките на настанот беше презентиран и наградениот научноистражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување за кој АСО традиционално во текот на годините доделува награда. Автор на наградениот труд, годинава е младиот научник м-р Филип Пеовски, асистент на катедрата по математика и статистика на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. На настанот Шајноски на Пеовски во име на АСО му додели плакета и награда од 80.000 денари.
1 ноември е национален ден на осигурувањето, а воедно е и денот на кој пред 13 години почнала со работа Агенцијата за супервизија на осигурувањето. АСО е независно регулаторно тело, кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.