Утрински Весник
Свет

Стејт департментот отпушта 1.300 вработени

Stejt department.jpg

Стејт департментот денеска отпушта повеќе од 1.300 луѓе според драстичен план за реорганизација на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Министерството денеска испраќа известувања за отпуштање на 1.107 „обични“ државни службеници и 246 од службата за надворешни работи на работни места во САД, изјави висок функционер на Стејт департментот под услов да остане анонимен, пренесе Бета.


Службениците за надворешни работи на кои се однесува ова, веднаш ќе бидат ставени на административно отсуство во траење од 120 дена, по што и формално ќе ја изгубат работата, пишува во интерното известување во кое имала увид агенцијата Асошиејтед прес. Но, за останатите, од кои повеќето се службеници, административното отсуство е двојно пократко, 60 дена.

– Се поедноставуваат домашните операции за да се фокусира на дипломатските приоритети, пишува во известувањето. „Намалувањето на бројот на вработени е внимателно адаптирано и насочено кон неосновни функции, дуплирани или излишни служби и служби каде што ефикасноста може да се постигне со централизација или консолидација на функциите и одговорностите“.

Иако Трамп, државниот секретар Марко Рубио и нивните републикански сојузници ги пофалија намалувањата на буџетот за да се направи и тоа министерство помало и поефикасно, сегашните и поранешните дипломати жестоко ги критикуваа намалувањата на буџетот кои укажуваат дека ќе го ослабнат влијанието на САД во светот и способноста за спротивставување на кризи.

Администрацијата на Трамп инсистираше на преобликување на дипломатската служба и агресивно работеше на намалување на големината на сојузната влада, вклучувајќи масовни отпуштања, па дури и укинување на цели министерства како што се Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Министерството за образование.

Неодамнешната пресуда на Врховниот суд го отвори патот за почеток на отпуштањата, иако продолжуваат судските процеси во кои се оспорува законитоста на намалувањето на персоналот.

Рубио изјави дека официјалните лица презеле „многу промислен чекор за реорганизација на Стејт департментот за да биде поефикасен и пофокусиран“.

– Тоа не е последица на обидот да се ослободиме од луѓето. Но, ако затворите некоја служба, не ви се потребни тие работни места, рече тој вчера во Куала Лумпур, Малезија, каде што учествува на годишниот Регионален форум на Здружението на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН). „Сфатете дека се укинуваат работни места, а не луѓе“, протолкува тој.

Американското здружение на надворешни служби, синдикат кој ги претставува дипломатите, минатиот месец го повика Стејт департментот да го одложи намалувањето на бројот на работни места.

Кон крајот на мај, Стејт департментот го извести Конгресот на САД за ажуриран план за реорганизација, предлагајќи, покрај она што претходно го откри Рубио, намалување на програмите и намалување на бројот на вработени во САД за 18 отсто, додека првично во април беа предвидени 15 отсто.

Стејт департментот планира да укине некои оддели задолжени за надзор на дведеценискиот ангажман на САД во Авганистан, вклучувајќи ја службата за преселување на авганистански државјани кои соработувале со американската војска.

Во писмото кое министерството го испрати до Конгресот се наведува дека реорганизацијата ќе влијае на повеќе од 300 служби и канцеларии, дека се укинуваат оддели кои се опишуваат како нејасен делокруг или надлежности дуплирани со други.

Можете да прочитате

Поранешниот шеф на МИ6, сер Алекс Јангер, тврди дека Путин „се преигра“ со Трамп

МО на Велика Британија: Руските загуби во војната надинуваат еден милион лица

САД испраќа „Патриот“ во Украина, потврди Трамп