Утрински Весник
Свет

Стапи во сила договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја

Kim Putin1.jpg

Стапи во сила договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја, што во јуни го потпишаа севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин, јавија денеска медиумите на двете земји.

– Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Демократската Народна Република Кореја и Руската Федерација стапи во сила на денот на размената на инструментите за ратификација во согласност со член 22 од договорот – 4 декември 2024 година, јави денеска корејската агенција КЦНА.

Во извештајот на агенцијата се наведува дека протоколот за размена на инструменти за ратификација го потпишале заменик министерот за надворешни работи на КНДР Ким Џонг-ју и заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Андреј Руденко.

Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Демократската Народна Република Кореја и Руската Федерација беше потпишан во Пјонгјанг на 19 јуни годинава, со цел продлабочување на партнерството и стратешката интеракција на широк опсег на полиња, а беше ратификуван од Русија и Северна Кореја во ноември, потсети Интерфакс.

Со Договорот, посебно е утврдено дека во случај на непосредна закана од акт на вооружена агресија врз една од страните, страните одржуваат консултации со цел да ги координираат своите позиции и да се договорат за можните мерки за меѓусебна помош.

Во исто време, Руската Федерација и КНДР се обврзуваат да не склучуваат договори со трети земји насочени против една од страните и да не дозволат трети земји да ја користат нивната територија со цел да го нарушат суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на другата страна, наведува руската агенција.

Од датумот на размена на инструментите за ратификација на овој договор, престанува да важи Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Русија и КНДР од 9 февруари 2000 година, пренесуваат агенциите на дете земји.

Можете да прочитате

Ужас: Таткото и маќеата брутално ја убиле малата Сара – На телото пронајдени 70 повреди

Паднаа Фејсбук, Инстаграм и Ватсап – Корисниците ширум светот пријавуваат проблеми

Македонски државјани со оружје се заканувале на Романци во Велс – полицијата ги уапси