Професорот доктор Атанас Кочов, кандидат за ректор на УКИМ, упати порака до колегите дека неговата програма има за цел овозможување подобри услови и статус на универзитетот. Тој им посочи дека со неговиот избор ќе ја реализираат како тим, со цел да се подигне нивото на УКИМ, а со тоа, заеднички да го вратат на патеките каде заслужува да биде како најстар, најдобар и најквалитетен универзитет во Македонија. Изборите се на 30 мај, а учествуваат 6 кандидати. Професорот Кочов посочи дека неговата борба ќе биде насочена и кон подигање на стандардите на секој вработен на универзитетот, но и кон студентите на кои гледа како партнери.
„УКИМ е ризница, македонска ризница. УКИМ е традиција. УКИМ е извор на сите академски и научни елити кои биле креатори не само на македонската, не само на државната туку и на регионалните политики. Затоа мислам дека е неопходно, во наредниот мандатен период, да го направиме УКИМ да биде оној кој треба да биде – еден и единствен. УКИМ треба да го заземе своето посебно место на ниво на држава. Тоа значи дека мора да се регулира начинот на финансирање на високото образование, односно начинот на финансирање на овој стожер. Досега сме на најниско ниво од аспект на стандардот на сите вработени на УКИМ, што е недопустливо. Мораме да се грижиме за да имаме современи и европски програми, а тоа значи дека мора да имаме и комплетно опремени лаборатории. Односно, мора да имаме и средства за лабораториите да ги негуваме, каде не само наставен процес, туку да се одвива и наука и истражување ако сакаме УКИМ да го издигнеме на повисоко ниво. УКИМ треба да биде респектиран од сите, тој кој ќе биде водилка на високото образование“, рече проф. Кочов за „Сител“.
Тој посочи дека УКИМ ќе треба да се грижи и за стандардот на студентите, особено во делот на студентските домови и условите во нив. Смета дека на студентите треба да се гледа како партнери, а на нив не треба да се гледа како на некои кои ќе дојдат, ќе поминат одредено време и ќе заминат.
„Ние сме маса од 50.000 луѓе. Тоа е маса која мора да биде респектирана. Не смее да дозволиме она што сега се случува во државата, ректорот или деканите да трчаат по министерствата и да молат одредени планови да им бидат одобрени или да бидат одобрени одредени финансиски средства“, додаде тој за „Сител“.
Прашан дали УКИМ може да биде рамо до рамо со останатите универзитети во светот, професорот Кочов вели: „Апсолутно, УКИМ можел, може и ќе може“.
„Капацитетот на нашите деца е добар. Мораме да се соединиме како фела и своето знаење да го насочиме кон превенирање на вакви работи. Тоа да се направи низ добар воспитно-образовен процес, добра наука, добри истражувања кои ќе бидат спроведени. Ние имаме научни институти кои постојат токму поради тоа – да дојдат до израз знаењето и вештините“, вели проф. др. Атанас Кочов.
Со промена на интерната организација, планот на професорот е да ги задржи студентите да студираат на УКИМ, наместо да запишуваат студии во светски универзитети.
„Недопустливо е да имаме факултет како Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, со 4.000 активни студенти – а да немаат своја зграда, свои простории, да живеат и творат во услови од простории кои ги земаат под наем од другите единици. А под самиот ректорат имаме згради кои со години стојат недоизградени“, посочи тој.