Утрински Весник
Економија

ССМ утре со блокада пред Владата

Whatsapp image 2025 05 01 at 13.54.15 511fd397.jpg

Сојузот на синдикатите утре ќе ја реализира последната блокада со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра. Последната институција која ќе биде блокирана е Владата. Ќе бидат блокирани влезовите на Владата од 11 часот.

Блокадата, велат од ССМ, е поради тоа што Владата и работодавачите до 31 декември не се договориле околу барањето на синдикатот за зголемување на платите на работниците и затоа што Владата минатата година не го прифатила предлогот да субвенционира дел од придонесите за да може работодавачите да ја зголемат минималната плата.

– Последната блокада пред Владата е токму поради тоа што оваа Влада ги блокира работничките плати долг временски период за кој вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари или едно четиричлено семејство е посиромашно за 9.250 денари. Падна и последниот аргумент на владините претставници кои заедно со газдите го зборуваат континуирано овој период, а тоа е дека македонските работници не биле продуктивни. Македонските работници се премногу продуктивни за платите кои ги примаат или само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците или како пример 24.379 денари изнесува минималната плата месечно за еден работник, а 290.000 денари е продуктивноста која ја создава работникот за работодавачот, изјави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Утрешната блокада ќе биде реализирана со по 21 човек на локациите каде ќе биде блокирана Владата.

Трендафилов очекува дека по утрешната блокада ќе наидат на разбирање, а доколку тоа не се случи, тогаш синдикатот преминува кон организирање на уште еден голем протест и генерален штрајк кој според сегашните размислувања би бил 24-часовен.

Можете да прочитате

Зајакнување на дигиталното земјоделство во Македонија

СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа”

УЈП: Пилот-фазата на е-фактура успешно се спроведува, досега верификувани 396