Утрински Весник
Економија

Средба со заменикот на генералниот директор на ММФ: Силна и независна централна банка – клучот за одржување на стабилноста во услови на неизвесност

Sredba so bo li.jpg

„Народната банка спроведе навремени и соодветни монетарни и макропрудентни мерки, коишто овозможија стабилизирање на инфлацијата, одржување стабилен курс на денарот и зајакнување на финансиската стабилност. Сепак, со оглед на високата геополитичка неизвесност важно е да се продолжи со внимателни макроекономски политики, но и со натамошно јакнење на институциите. Во овој контекст од огромно значење е да се зачува независноста на централната банка.” Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, на маргините на Годишните средби на ММФ и Светската банка. На средбата присуствуваше и министерката за финансии Гордана Кочовска Димитриевска.

Во услови на светски ценовни шокови и нестабилност, Народната банка одговори со обемен сет мерки, коишто вклучуваа интервенции на девизниот пазар, приспособување на каматните стапки, задолжителната резерва и макропрудентни ограничувања. „Со овие мерки не само што постигнавме значително намалување на инфлацијата на едноцифрено ниво, туку и обезбедивме стабилност на девизниот курс и стабилни и зајакнати биланси на банкарскиот сектор”, истакна Ангеловска-Бежоска.


На средбата, посебен акцент беше ставен на последните геополитички случувања, коишто создаваат нова неизвесност во светската економија и на светските финансиски пазари. Беше истакнато дека во вакви услови, за малите економии отворени кон светот е особено важно водењето сигурни политики, создавањето простор за реакција на потенцијалните шокови и постоењето на силни институции. Токму во овој контекст, акцентот беше ставен на натамошното унапредување на законската рамка за Народната банка во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Сето ова придонесува за јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка и за зголемување на нејзината транспарентност и отчетност.

Можете да прочитате

ХЕРА: Дополнителни 2,5 милијарди или 15 % раст на БДП, доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите

Мицкоски смета дека мерките дале резултат и цените на прехрабените продукти се намалиле

Димитриеска-Кочоска најави еврообврзница од најмалку 700 милиони евра на почетокот на 2026