На маргините на Првиот парламентарен самит на меѓународната платформа за Крим, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба и со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Џафери му изрази искрена благодарност на претседателот Стефанчук во негово лично име, од име на семејството, пратениците и Собранието на Република Северна Македонија за високата чест што му е направена со доделувањето на орденот „Јарослав Мудриот“ од украинскиот претседател Володомир Зеленски за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка и поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина.
Тој исто така му изрази честитки на претседателот Стефанчук за добивањето на статусот земја кандидат за членство во ЕУ, што е соодветно решение во овие околности во кои се наоѓа земјата и Украина може да смета на наша целосна поддршка во тој контекст.
Стефанчук, од друга страна, изрази почит и благодарност кон претседателот Џафери за личната и за институционалната поддршка што Република Северна Македонија ја дава за праведната борба на Украина во одбраната на заедничките вредности, слободата и демократијата.
Тој изрази надеж дека подршката ќе продолжи и во обидите за повторна изградба на разрушената инфраструктура на Украина, како и во постигнувањето на најважната цел, односно целосното ослободување на Украина.
Џафери изрази полно уверување дека поддршката на земјата ќе продолжи и во иднина во сите области, секако во рамките на можностите на нашата земја.