На денешната средба со членовите на работната група при Советот на ЕУ која е надлежна за земјите кои преговараат за пристапување и членство во ЕУ, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, посакувајќи им добредојде на гостите, меѓудругото го потенцираше и своето задоволство што конечно со почетокот на оваа соработка, се потврдува и нашиот почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Во тоа име, се заблагодари за досегашниот ангажман на работната груба (COWEB), која досега беше надлежна за земјите од Западен Балкан. Тој исто така изрази задоволство поради отворањето на првата меѓувладина конференција ЕУ-Република Северна Македонија во јули оваа година, што претставуваше и официјален почеток на преговорите со Европската унија.
Претседателот Џафери пред членовите на оваа работна група ги потенцираше исто така и долгите преговори и консултации околу преговарачката рамка кои резултираа со Заклучоците кои ги донесе Собранието. Со нив ја задолжи Владата во текот на преговорите доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на идентитетските, јазичните, културните и историски особености на македонскиот народ.
Џафери изрази надеж дека ќе следи успешна и плодна соработка, како и успешно завршување на преговорите што ќе води кон полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
Во име на присутните гости од Советот на ЕУ, благодарност до претседателот Џафери упати и Шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, кој го потенцираше историскиот момент кој се случи во Јули оваа година со отпочнувањето на преговорите со Европската унија, а оваа средба во Собранието ја нарече симболичен почеток и симболична промена која ќе резултира со пристапување кон институциите на ЕУ.