Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви.
Пендаровски на средбата беше информиран за активностите на Еврејската заедница во Северна Македонија, за нивните ангажмани и идни планови, како и за нивната соработка со државните институции.
Пендаровски ја изрази својата поддршка за активностите на Еврејската заедница и ја истакна неговата заложба за унапредување на соработката со нив во контекст на зачувување и афирмирање на културата, традицијата и обичаите на македонските Евреи.
Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во државата, при што го поздравија донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за здруженијата и фондациите и на Законот за политичките партии во согласност со кои се забрануваат називот и ознаките на политичките партии, здруженијата и фондациите да содржат симболи, зборови, кратенки, кои предизвикуваат расна или верска омраза или нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх или повикување личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.