Утрински Весник
Македонија

Средба Лимани- Милер: Со силна поддршка на УНИЦЕФ, наскоро и Северна Македонија ќе ја воведе Европската детска гаранција

Dsc 2459.jpg

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска оствари средба со претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер и нејзините соработници.

Соговорниците разговараа за важноста од унапредување и зајакнување на системот на детска заштита, при што акцентот беше ставен на воведувањето на Eвропската детска гаранција во земјата, која што  претставува механизам на ЕУ за спречување општествено исклучување на загрозените деца со тоа што им се гарантира пристап до низа клучни основни социјални услуги.

Министерот Лимани информираше дека анализата потребна за нејзиното воведување е во завршна фаза и изрази надеж дека наскоро ќе бидеме прва земја во регионот која ќе ја имплементира.

Соговорниците се осврнаа и на Извештајот на Европската Комисија, каде што се нотира меѓудругото за потребата од дополнителни заложби за системот на социјална заштита да стане поотворен со поголема достапност на социјалните услуги. Но нотиран е и напредок во спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 година.

Од страна на претставниците на УНИЦЕФ беше истакнато дека Северна Македонија е лидер во регионот во спроведувањето на деинституционализацијата во делот на децата, земајќи предвид дека нема ниту едно дете кое живее во институција.

Соговорниците се согласија дека предизвиците најдобро се решаваат системски. Односно системот ќе биде силен кога  ќе може обезбедува социјални услуги за децата како пристап до образование, здравство, социјална заштита, и ниту едно дете нема да биде изоставено. Притоа беше истакната и важноста од вложување во човечки ресурси кои  работат во оваа област, нивно постојано усовршување и можност да напредуваат, а со тоа мотивација да останат во државата и тука да вложуваат напори за подобро општество за сите со акцент на децата како една од најранливите категории.

Со спроведувањето на детската гаранција во Северна Македонија ќе им се помогне на националните и локалните власти да го зајакнат управувањето со јавни финансии во врска со подобро планирање, буџетирање и спроведување на буџетот за основните социјални услуги за ранливите деца – во сферата на детска и социјална заштита, здравствена грижа и образование. Со ова ќе се обезбеди чекор по чекор секое дете да добие пристап до квалитетно образование, здравствена грижа, благосостојба и заштита. За  секое дете да може да го постигне целосниот потенцијал.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер