Утрински Весник
Балкан

Србија: 24 години од демонстрациите на 5 октомври 2000 година

20241005115210 Big 730x400 61.webp.webp

Денес се навршуваат 24 година од големите демонстрации во Белград на 5 октомври 2000 година, со кои се заврши владеењето на Слободан Милошевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Демонстрациите во Белград избија откако Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите на 24 септември 2000 година за претседател на СР Југославија, на кои загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и лидер на Демократската партија на Србија (ДСС) Воислав Коштуница.

На 5 октомври демонстрантите од цела Србија пристигнаа пред тогашното Сојузно собрание, пробивајќи ги со булдожер полициските блокади. Зградата на собранието беше демолирана и запалена, како и зградата на РТС, а полицијата наскоро престана да се спротивставува и им се придружи на граѓаните.

Вечерта на 5 октомври 2000 година, новиот претседател на тогашна СР.Југославија, Воислав Коштуница им се обрати на граѓаните од терасата на Собранието на град Белград, а следниот ден, на 6 октомври, Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Во демонстрациите едно лице го загуби животот, а друго почина од срцев удар, додека 65 лица беа повредени.

Воислав Коштуница, кој беше избран за претседател на СРЈ како кандидат на ДОС, се повлече од политиката, а премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година пред зградата на српската Влада.

Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во затворот во Хаг, а неговата сопруга и поранешна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ почина на 14 април 2019 година во Русија и е погребана покрај нејзиниот сопруг во Пожаревац.

Тогашните учесници во владеењето на Слободан Милошевиќ денес повторно ги заземаат најважните позиции во Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ кој во тоа време беше во Радикалната партија на Воислав Шешељ беше министер за информации, додека Ивица Дачиќ тогаш беше портпарол на СПС на Слободан Милошевиќ. Александар Вулин беше истакнат член на ЈУЛ на Мирјана Марковиќ.

Претседателот на партијата Нова Србија и еден од водачите на демонстрациите на 5-ти октомври, Велимир Илиќ, изјави денеска дека Србија „целосно замолчила“ и дека веќе нема енергија да промени нешто.

Тој додаде дека на власт се вратија оние против кои се случи 5 октомври 2000 година.

Илиќ за весникот Данас изјави дека никогаш во историјата на Србија немало поголемо единство од тогаш и дека Демократската опозиција на Србија (ДОС) потфрлила затоа што нејзините луѓе, кои биле на клучни позиции, ја предале. 

Можете да прочитате

Се огласи жената која ја претепа Слобода Миќаловиќ: Почна да ја споменува мајка ми

Бојко Борисов: Ја повлекувам кандидатурата за премиер на Бугарија

Во Албанија во полициска акција приведени високи полициски функционери, судии и новинари