Утрински Весник
Свет

Спектакуларен грабеж во Италија – Разнесоа оклопно возило и исчезнаа

Aaaaa.jpg

Драматична и несекојдневна сцена се одвивала утрово на автопатот 613 во јужна Италија, на делницата меѓу Лече и Бриндизи, каде група вооружени и маскирани лица извршиле организиран напад врз оклопно возило за транспорт на вредности, предизвикувајќи целосен прекин на сообраќајот.

Според информациите на италијанските медиуми, напаѓачите најпрво го пресретнале возилото кое припаѓало на безбедносната компанија Battistolli (BTV), користејќи автомобили со лажни светлосни сигнали со кои се претставиле како полициска патрола. Откако возачот запрел, следувала силна експлозија со која било оштетено оклопното возило, по што напаѓачите побегнале со голема брзина.

Полицијата веднаш започнала обемна потера и блокади во поширокиот регион. Едно од возилата користени во нападот било пронајдено напуштено на рурален пат, каде што бил уапсен еден осомничен, облечен со качулка и без оружје. Набргу потоа, полицијата привела уште едно лице кое се обидувало пеш да се оддалечи од местото на настанот.

Во близина бил пронајден и џип за кој се сомнева дека бил подготвен како возило за бегство. Потрагата по уште најмалку двајца осомничени продолжува, а истражителите не ја исклучуваат можноста во нападот да учествувале повеќе лица.

Надлежните органи работат на утврдување на сите околности, мотивите и евентуалната поврзаност со организирани криминални групи, додека автопатот во текот на утрото бил затворен поради увид и безбедносни причини.

Можете да прочитате

Израелски борбени авиони пресретнаа авион на Wizz Air

Макрон: Случајот Епстин е прашање на надлежност на американскиот правосуден систем

Директорот за комуникации на Стармер поднесе оставка поради скандалот со Џефри Епстин