
Во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратки филмови создадени од учесниците на работилницата „Филмска училница“. Ова е дел од меѓународниот проект ФилмЕД, реализиран од Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институт Скопје. Проекцијата на кратки филмови ќе се одржи утре во 19:00 часот.
Премиерно ќе бидат прикажани филмовите ,,Клетвата на папагалот” , ,,Ти и јас”, ,,Родендеска мистерија”, ,,Писмото за наставничката” и ,,Девојчето на сликата”. Работилниците се одржуваа секоја сабота во првото полугодие од учебната 2025/26 година, со учество на деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за филмската уметност и создаваа свои први кратки филмови, како режисери, актери и сценаристи.
Проектот ФилмЕД има за цел да развие филмска едукација, да поттикне критичко размислување и да им овозможи на младите практични вештини за создавање видео-содржини. Преку интерактивни училници, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, а нивните филмови ќе бидат прикажани пред семејства, пријатели и јавноста. Проектот се реализира со поддршка на Европската Унија и учество на партнери од Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, а координатор е Гете-институтот во Прага.

