Среднорочната ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година, која, меѓу другото, вклучува обезбедување средствата за поддршката за Украина и за помош на земјите од Западниот Балкан, како и случувањата во регионот на Блискиот Исток, ќе бидат главна тема на денешниот специјален Европски совет во Брисел, на кој ќе се соберат шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата.
Ревизијата на долгорочниот буџет на Унијата за периодот 2021-2027 беше тема и на Самитот на ЕУ на 14 и 15 декември минатата година, но европските лидери не постигнаа консензус за нејзино усвојување поради противењето на Унгарија. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, потребата за ревизија на Финансиската рамка произлезе од непланираните трошоци на Унијата, поврзани, меѓу останатото, со глобалната пандемија на Ковид-19, руската агресија врз Украина и растот на каматните стапки.
Во тој контекст, како што соопшти Советот на ЕУ, лидерите ќе разговараат за предложената среднорочна ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка, која вклучува и создавање на Механизам за обезбедување долгорочна стабилност на Украина и на Платформа за стратешки технологии за Европа (СТЕП), чија цел е зајакнување на конкурентноста на Европа.
– Во декември лидерите разговараа за тоа како да ги финансираат нашите најитните потреби и идните приоритети, вклучително и поддршката за Украина, миграцијата и надворешната димензија, каматите и специјалните инструменти, се додава во најавата на Самитот.
Со ревизијата се предвидува обезбедување на дополнителни 64,6 милијарди евра, од кои 50 милијарди евра наменети за Украина за следните четири години и тоа 17 милијарди евра грантови и 33 милијарди евра позајмици. Од останатите средства, 7,6 милијарди евра се предвидени за поддршка на земјите од европското соседство и за партнерите ширум светот, по две милијарди за справување со миграцијата и управување со границите и за Инструментот за флексибилност на ЕУ и по 1,5 милијарди евра за Европскиот одбранбен фонд во рамките на СТЕП и како резерви за солидарност и итна помош.
Советот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) на 10 јануари одобри „делумен преговарачки мандат“ на Европскиот совет за Предлогот за создавање нов единствен Механизам за поддршка на обновата, реконструкцијата и модернизацијата на Украина, како „единствен инструмент за обезбедување кохерентна, предвидлива и флексибилна поддршка за периодот 2024-2027 година, приспособена на невидените предизвици за поддршка на една земја во војна“. Инаку, „делумниот преговарачки мандат“ за Советот, значи дека тој не вклучува прашања поврзани со вкупната сума на средства на Механизмот и уделот на грантови и заеми во него, што треба да се регулира со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка.
Во поканата за денешното заседание упатена до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел посочува дека на Самитот во декември 26 од лидерите на земјите на Унијата „цврсто го поддржаа балансираното преговарачко поле кое имаше предвид јасен збир на главни приоритети – поддршка за Украина, управување со миграцијата и нејзината надворешна димензија, помош за Западниот Балкан и одговорот на природните катастрофи“. Мишел посочува дека понудениот предлог на денешниот Самит претставува основа за постигнување конечен договор меѓу сите 27 земји членки, што е витално значење за кредибилитетот на Унијата и нејзината посветеност да обезбеди цврста поддршка за Украина.
– Имаме директна обврска да најдеме решение и да испорачаме, потенцира Мишел.
Според него, со оглед на околностите, лидерите на ЕУ ќе треба итно да ги решат сите аспекти на воена помош од Унијата за Украина, што би вклучувало испорака на муниција, согласно заклучоците на Самитот во март минатата година, како и прилагодување на релевантните инструменти на блокот за побрзо доставување помош, како надополнување на билатералните напори.
– За да го постигнеме ова, мораме да продолжиме со нашите донации, да ги приспособиме нарачките и да поставуваме нови, што исто така ќе ја зајакне нашата европска одбранбена индустрија, смета Мишел. Тој натаму посочува дека фокус на лидерите бараат и „драматичните настани на Блискиот Исток“.
– Сите заложници киднапирани од Хамас мора да бидат ослободени без никакви предуслови. Нашата дискусија треба да биде врамена околу голем број клучни прашања. Во светлината на загрижувачките регионални случувања, треба да ги решиме безбедносните прашања, да продолжиме да охрабруваме на воздржаност и да разговараме за мерките за спречување на понатамошна регионална ескалација, особено во Црвеното Море. Покрај тоа, ние мора итно да придонесеме за санирање на катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа, додава претседателот на Европскиот совет. На крајот, според Мишел, лидерите на ЕУ треба да разговараат и за начините за „оживување на политичкиот процес за решение со две држави“, како единствената остварлива опција што може да донесе одржлив мир и за Израелците и за Палестинците и засилена регионална безбедност.
– Севкупно, нашите напори треба да имаат за цел да обезбедат меѓународното право и меѓународното хуманитарно право да бидат почитуваат од сите, додава Мишел во поканата.
Во текстот на нацрт-заклучоците за Самитот се наведува решеноста на земјите членки на ЕУ да обезбедат навремена, предвидлива и одржлива воена поддршка за Украина, особено преку Европскиот мировен механизам и воената помош на Унијата, како и преку директна билатерална поддршка од државите членки, во согласност со нејзините потреби.
– Европскиот совет потсетува на своите претходни заклучоци и ја потврдува својата непоколеблива посветеност да продолжи со обезбедување силна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ онолку долго колку што е потребно, се вели во нацрт-заклучоците. Во документот, исто така, се повторува итната потреба да се забрза испораката на муниција и проектили на Украина, согласно ветувањето дадено лани во март од страна на ЕУ дека на земјата годишно ќе и испорачува по еден милион парчиња муниција, цел која засега не е остварена.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по вчерашната неформална средба на министрите за одбрана на Унијата истакна дека од лани во март, па до почетокот на годинава, на Украина и се испорачани 330.000 парчиња муниција, дека до март тоа количество ќе достигне 524. 000, а до крајот на 2024 – над еден милион. Според Борел, од почетокот на руската инвазија, Унијата и нејзините земји членки билатерално на Украина и донирале воена опрема во вредност од 28 милијарди евра, нагласувајќи дека според најавите годинава таа помош ќе достигне 21 милијарда евра. Дополнително, договорена е обука на уште 20.000 украински војници, со што вкупната бројка на припадници на Вооружените сили на Украина обучени од страна на ЕУ ќе достигне 60. 000.
Во нацрт-заклучоците претходно најавуваната сума од пет милијарди евра за Украина во рамки на Европскиот мировен механизам е наведена во средни загради, што укажува дека за неа се уште нема договор и дека и натаму е предмет на дискусија. Овие средства би се користеле за надоместување на донациите на оружје за Киев и би претставувале еден вид безбедносна гаранција за покривање на недостигот во воена поддршка за земјата.
Членките на ЕУ со месеци дебатираат околу улогата на овој механизам во воената помош за Украина, при што Германија предлагаше фокус се стави на билатералната помош од одделни земји во блокот.