
Изјава за медиуми, Даниела Настова Пиштолова, Координатор на Советничка група на СДСМ во советот на Кисела Вода
Почитувани медиуми, почитувани граѓани,
На самиот почеток, дозволете да изразиме длабоко сочувство до семејството на загинатиот работник во трагичниот настан во Општина Кисела Вода. Воедно, на повредените им посакуваме што поскоро закрепнување и враќање кај своите најблиски.
Оваа трагедија не смее да биде само уште една вест што ќе помине без одговорност. Таа отвора сериозни прашања за безбедноста на градежните активности, за почитувањето на прописите и за улогата на институциите.
Токму затоа, денес поднесовме барање за итно свикување на вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода.
На таа седница бараме да се донесат конкретни одлуки:
– Формирање на независна стручна комисија која ќе изврши целосна проверка на сите издадени одобренија за градба на територијата на општината;
– Итно воведување мораториум на сите градежни активности сè додека не се утврди дека истите се безбедни и во согласност со законите;
– Обезбедување целосна транспарентност преку јавно објавување на сите документи, дозволи и наоди поврзани со градбите.
Дополнително, бараме итни мерки за заштита на граѓаните:
– Да се изврши проценка и, доколку е потребно, евакуација на сите лица и објекти кои се наоѓаат во потенцијален ризик;
– Да се преземат мерки за санација на последиците и да се обезбеди соодветна помош и поддршка за погодените.
Ова не е прашање на политика, туку прашање на безбедност и човечки животи.
Затоа, бараме вонредната седница да се одржи без одложување и да резултира со конкретни мерки што ќе гарантираат безбедност на сите градилишта во Кисела Вода.
Граѓаните мора да бидат сигурни дека институциите функционираат и дека нивната безбедност е на прво место.


