Утрински Весник
Балкан

Собранието на Косово ја избра новата, трета Влада на Албин Курти

Kosovo.webp.webp

Собранието на Косово на синоќешната вонредна седница ја избра новата Влада предводена од Албин Курти. За избор на Владата, на чие чело Курти ќе биде по трет пат, гласаа 66 пратеници, против беа 49, а воздржани немаше.

Против изборот на Владата на Курти гласаа пратениците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Српска листа и Алијансата за иднината на Косово (ААК). По гласањето за Владата, Курти и министрите од неговиот кабинет положија заклетва во Собранието.

По експозето, во дискусијата што следуваше, претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, рече дека на првата редовна седница на новиот состав на Собранието ќе бара усвојување на резолуција со која се бара правично, непристрасно судење во согласност со меѓународните стандарди и почитување на човековите права за обвинетите во Хаг. Тој побара целосна поддршка за оваа резолуција и ги повика сите партиски и институционални лидери да учествуваат во протестниот марш на 17 февруари во знак на поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на кои им се суди во Хаг.

Хамза рече дека ДПК ќе биде воздржана за време на дебатата на конститутивната седница, но дека ќе даде поддршка во постигнувањето консензус околу прашања од големо значење, како што се изборот на претседател и ратификацијата на меѓународните договори.

– Поддршката за консензус не е знак на слабост, туку на државна одговорност. Ќе дадеме свој придонес за договорите во интерес на Косово, но без компромиси по прашањето на државниот интерес, рече Хамза. Тој, сепак, го критикуваше експозето на Курти, велејќи дека во него се работи повеќе за ветувања и прашања кои немаат основа за финансирање.

Претседателот на ДСК, Љумир Абдиџику, рече дека Демократскиот сојуз на Косово ја прифаќа својата улога во опозицијата, но дека не се предава, дека е подготвена и за институционална соработка во Собранието околу поважните теми и изрази надеж дека таа функција ќе биде извршена „со зрелост, трпение и свест за улогата која Собранието ја има во демократскиот живот на Косово“.

– ДСК изразува подготвеност за институционална соработка во Парламентот околу темите кои ја надминуваат парламентарната аритметика бидејќи веруваме дека стабилноста на државата се гради со зрелост, почитување на опозицијата и свесност дека демократијата не е само прашање на бројки, туку прашање на политичка култура, им порача тој на пратениците.

Бесник Тахири од Алијансата за иднината на Косово го критикуваше мандатарот Албин Курти поради кабинетот што им го претстави на пратениците, велејќи дека кабинетот е „приспособување на власта чија цел е туркање на чисто партиска агенда“. Тахири додаде дека бројот на министри во кабинетот е преголем за Косово и го праша Курти дали знае дека формирал кабинет со „големина на државата Кина, а не на Косово“.

Игор Симиќ од Српска листа рече дека неговата партија нема да го поддржи формирањето на Владата и ја обвини претходната Влада за кршење на правата на српскиот народ.

– Ја користам оваа прилика да кажам дека Србите од Српска листа немаат ништо против албанскиот народ со кој сме живееле, живееме и ќе продолжиме да живееме. Но, ќе бидеме против политиките кои имаат за цел протерување на нашиот народ, рече Симиќ. Тој наведе дека во експозето на мандатарот Албин Курти никаде не се спомнати Србите, а исто така се пожали на предлогот Ненад Рашиќ да биде министер за заедници и враќање.

– Мандатот во Парламентот го доби со гласови од места каде со децении нема Срби. Тоа не беа српски гласови. Имате право да го именувате за министер, но знаете дека тој никогаш нема да биде министер кој ги претставува Србите. За сè што сторивте, поради направените кршења, Српска листа нема да го поддржи формирањето на оваа Влада, рече Симиќ.

Седницата за формирање на Владата се одржа по конститутивната седница на која беше инаугуриран 10-тиот состав на Собранието на Косово, избран на изборите на 28 декември.

Можете да прочитате

Бомби, киднапирања и палења – изолирани инциденти или враќање во деведесеттите

Продолжув блокадата на Ибарска магистрала од производителите на млеко во Србија

30-годишник си ја убил сопствената мајка