Утрински Весник
Македонија

Собранието ја утврди потребата од носење на Законот за јавно обвинителство

Obvinitelstvo 1.jpeg

Со 75 гласови ,,за” и ниту еден ,,против” Собранието  на денешната седница ја утврди потребата од донесување на Предлог-законот за јавното обвинителство, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура .

Образложувајќи го Предлог-законот пред пратениците, министерот за правда, Игоир Филков  истакна дека со новото законско решение се врши сеопфатна модернизација на организацијата, надлежностите и функционирањето на јавнообвинителскиот систем, со цел поефикасна борба против криминалот и корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.


„Со овој закон создаваме услови за поефикасно, потранспарентно и поодговорно функционирање на јавното обвинителство. Нашата цел е да изградиме систем во кој ќе владеат професионалноста, мерит-системот и отчетноста, а граѓаните ќе имаат поголема доверба во правосудството”, рече министерот Филков.

Тој посочи дека реформата е резултат на долг и инклузивен процес кој започнал во ноември 2024 година со формирање на работна група во која биле вклучени експерти, универзитетски професори, обвинители, судии, адвокати, претставници на невладиниот сектор и претставници на меѓународната заедница, вклучително и ОБСЕ и Европската Унија.

„Во подготовката на законот се вградени препораките од Развојната секторска стратегија за правосудство, Реформската агенда, препораките на ГРЕКО, Патоказот за владеење на правото и извештаите на Европската комисија”, нагласи министерот.

Тој додаде дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, бил доставен на мислење до Венецијанската комисија, која даде позитивно мислење со неколку препораки што се веќе вградени во финалниот текст.

Со новиот закон се воведува јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, се зајакнуваат гаранциите за нивната самостојност, а се подобрува и организацијата на работата на обвинителствата.

„Воведуваме поефикасен систем на оценување на обвинителите, јасни критериуми за професионалност и квалитет на одлуките, како и подобра организација на предметите и зајакнување на истражните центри со цел поефикасни истраги”, рече министерот Филков.

Дополнително, со законските решенија се зајакнува транспарентноста во постапката за избор на Јавниот обвинител на Република Македонија преку јавна седница на Советот на јавни обвинители, презентација на програмите на кандидатите и јавно објавување на нивните биографии.

Се воведува и појасна и поефикасна дисциплинска постапка, со рокови за постапување и механизми за спречување злоупотреби на дисциплинските постапки.

,,Се врши градација на дисциплинските повреди соодветни мерки во зависност од на сериозноста и последиците од повредата.Дисциплинската комисија мора да ја заврши постапката во рок од 6 месеци, односно до 9 месеци во посложени случаи. Воспоставена е обврска за водење евиденција за сите изречени дисциплински мерки.Значајна новина е и заштитата од потенцијални злоупотреби на дисциплинската постапка, што неретко беше случај во минатото: Ако јавен обвинител побара разрешување додека трае дисциплинската постапка, таа ќе продолжи до конечна одлука за утврдување на одговорност. Оваа одредба има за цел да спречи злоупотреби и повторно аплицирање преку нов оглас “, истакна министерот за правда Игор Филков.

Целта на овој закон е да се изгради модерен, ефикасен и транспарентен обвинителски систем кој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе придонесе за поефикасна борба против криминалот и корупцијата.

Можете да прочитате

Албанец тврдел дека е повреден во сообраќајка, лекарите му нашле прострелна рана

80 годишна битолчанка нова жртва на измама со лажна сообраќајка

Уапсен наставник во Скопје, вознемирувал ученичка