Фестивалот на краткометражни филмови „Balkans Beyond Borders“ кој веќе 13 години функционира како тематски фестивал на краток филм и кој секоја година се одржува во различен европски град, со посебен фокус на Југоисточна Европа, годинава ја избра Битола за домаќин.
“Фестивалот понуди краткометражни филмови од сите жанрови: фикција, документарни филмови, анимирани, експериментални кратки филмови. Градот Битола беше одличен домаќин на ова 13 издание, идеално вклопен во духот и искуството на BBB, со сеопфатна програма на кратки филмови, главно составена од балкански продукции, како и паралелни настани. Поминавме заедно незаборавни денови„ истакна Василики Малтасоглу – директорка на фестивалот.
Менувањето на градовите е со цел да привлекува нова публика и да промовира меѓубалканска соработка. Во своето 12-годишно патување, овој фестивал се има одржано во Белград, Тирана, Атина, Букурешт, Сараево, Солун, Софија, Брисел, Нови Сад, Измир, Приштина а гостуваа 40-тина млади филмски режисери кои ги прикажаа своите остварувања пред официјалното жири составено од Дина Дума, Танасис Неофотистос и Јелена Мишељиќ.
Програмата на фестивалот се состоеше од филмски проекции и натпреварувачка програма со 32 кратки филмови, кои ги претставија балканските филмаџии.
Швајцарија се претстави со анимирани кратки филмови, курирани од Фестивалот за анимација “Фантош” (Fantoche), имаше и избор на кратки грчки филмови, курирани од Грчкиот филмски центар, избор на кратки филмови од земјата домаќин С. Македонија од Филмскиот фестивал Синедејс, одржан беше и трибјут на Вјоса Бериша, наградена режисерка и директорка на фестивалот од Косово и BBB Beyond, со филмови создадени надвор од балканскиот регион.
Фестивалот беше збогатен со паралелни активности кои вклучуваат работилница за фотографија, за уметноста на раскажување приказни преку фотографија која еволуира во „Фото маратон“, каде учесниците ги доловија различните контракултурни елементи од секојдневниот живот. Материјалот на Фото маратонот беше претставен на изложба, во соработка со организацијата SEE in Action. Беше иницирана и работилница за пишување сценарија со сценаристот Онур Озџан, чија тема беа проблемите што може да се појават при транформирањето на „идејата“ во „реалност“. Со церемонијата на затворање, како и афтерите за вмрежување кои ги имаше секоја вечер, фестивалот понуди одлична шанса за размена и дружење меѓу учесниците.
Наградени беа следните филмови:
Награда за најдобар филм доби “Granny’s sexual life” – на авторите Урска Џукиќ и Емили Пигард.
Наградата за дебитантски филм ја доби “JAM” во режија на Тасос Палисиду.
Наградната од публиката ја понесе “Me and the Other” на Биде Халачоглу.
Добитниците добија статуетки и парични награди.