Со очи полни солзи и широки насмевки многумина од добитниците на социјални станови во Свети Николе денес свечено ги добија клучевите. Качени на бина им ги делеа премиерот Димитар Ковачевски и Зоран Ѓоргиев, директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.
Премиерот Ковачевски ги изгушка децата, кои се качија на бината заедно со родителите за да си го земат клучот.
„Кој ќе има своја соба од денес? Отсега кој ќе биде најмирен дома?“, ги прашуваше премиерот децата.
Во социјалната зграда во Свети Николе се сместија 27 семејства. Директорот Ѓоргиев соопшти дека во зградата има 48 станови и исто толку подруми, а изградбата ги чинела 85 милиони денари.
„Помагаме овие граѓани да решат еден проблем, кој не е само егзистенцијално прашање, туку е и генерациско бидејќи овие станови ќе останат на користење и на децата на оние што ги добиваат и ќе може да ја планираат својата иднина на многу полесен и поубав начин од тоа што нивните родители можеле досега да го прават. Станбениот објект, кој денес го отвораме, е единствен од ваков тип во Свети Николе и во него е планирано да се вселат вкупно 48 семејства. Најмногу се радувам кога ќе дојдам на вакви настани, кога ќе ги видам вашите лица насмеани и особено кога ќе ги видам најрадосни вашите деца, кои од денеска имаат свој дом и свои соби“, рече премиерот Ковачевски.
Директорот Ѓоргиев најави дека во периодот што следува е планиран почеток на нови социјални згради во Штип, Прилеп и во Пехчево, а во завршна фаза е изградбата на социјалните згради во Демир Капија, Дебар, Бутел и во Сарај.