
Со проекција на „13. ДЕН“, долгометражен игран филм од 84 минути, вечерва ќе биде затворено јубилејното 10. издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“.
– Во свет растргнат од прогон, војна и угнетување, три деца беа избрани да ја пренесат пораката на Пресвета Богородица за надеж на светот. Ова е едно од најголемите чуда на Пресвета Богородица во историјата на светот, кога Сонцето танцуваше на небото на 13 октомври 1917 година, во португалскиот град Фатима. Според критиките, ова е совршен и најдобро снимен филм на овој настан во историјата на кинематографијата, информира фестивалскиот тим.
Филмот е во продукција „13TM DAY Films“, Обединето Кралство, 2009. Проекцијата е во 19 часот на Европскиот универзитет Скопје.
Фестивалот се одржува со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и почесниот претседател на фестивалот митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј. Посветен е на духовните, хумани и културни вредности и е единствен од ваков жанр во државава.


