
Глобалните температури веројатно ќе бидат повеќе од 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа во следните пет години, предупредија научниците.
Откако рекордните температури во 2024 година го надминаа – барем привремено – прагот од 1,5 степени до кој земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување за да ги избегнат неговите најопасни влијанија, новите климатски предвидувања покажаа 86 проценти шанса дека во уште една година во следните пет ќе се случи истото.
Анализата на Светската метеоролошка организација (СМО) и британската Метеоролошка служба (Met Office) покажува 70 отсто шанса дека просечната глобална температура за пет години ќе биде повеќе од 1,5 степени над прединдустриските нивоа.
Постои 80 отсто шанса дека најмалку една година помеѓу 2025 и 2029 година ќе постави нов рекорд за глобални температури, покажува анализата.
И за прв пат, климатските модели покажаа дека постои можност просечната глобална температура на светот да надмине 2 степени над прединдустриските нивоа пред 2030 година, иако научниците кои стојат зад анализата рекоа дека тоа е „исклучително малку веројатно“, со околу само еден процент шанса тоа да се случи.
Научниците исто така предупредуваат дека северна Европа би можела да има многу влажни зими во следните пет години, што е една од клучните климатски опасности за регионот, носејќи со себе ризик од поплави.
Во глобалниот Париски климатски договор, земјите се обврзаа на акција за да го ограничат глобалното затоплување далеку под 2 степени над прединдустриските нивоа и да продолжат со напорите за да ги ограничат зголемувањата на 1,5 степени во обид да се избегнат најлошите влијанија од зголемувањето на нивото на морето, сушата, поплавите, топлотните бранови и екстремните бури предизвикани од климатските промени.
Просечната светска температура надмина 1,5 степени над просекот од 1850-1900 година за прв пат во 2024 година, бидејќи климатскиот феномен Ел Нињо во тропскиот Пацифик ги зголеми температурите покрај глобалното затоплување предизвикано од човекот.
Веројатноста дека следните пет години ќе бидат над 1,5 степени не значи дека прагот е трајно надминат, бидејќи бројките за долгорочно затоплување се просечни за 20 години.
Но, научниците сугерираа дека затоплувањето сега е околу 1,4 степени над прединдустриските нивоа, мерено од базна линија од 1850-1900 година пред да почне глобалното горење на фосилни горива од големи размери.
Професорот Адам Скаиф од Метеоролошката служба рече: „Овие најнови предвидувања сугерираат дека сега сме многу блиску до тоа годините со 1,5 степени да станат вообичаени“.
„Имавме една во 2024 година, но тие се зголемуваат по фреквенција и ќе гледаме повеќе од нив“, рече тој, укажувајќи на 86 отсто шанса да се види уште една година која ќе достигне 1,5 степени над базната линија од 1850-1900 година во следните пет години.
„Ова се шокантни статистики и сега постои дури и шанса, и тоа е прв пат да видиме таков настан во нашите компјутерски предвидувања, за година од 2 степени, што би било целосно без преседан.
„Тоа е сè уште исклучително малку веројатно, повеќе како 1 процент шанса да се види тоа во текот на следните пет години, но сега е можно.
„Тоа беше практично невозможно пред само неколку години.“
Годишното до децениското климатско ажурирање СМО го издава годишно и го изготвува Метеоролошката служба.
Исто така, се проценува дека врнежите од дожд за периодот од мај до септември 2025-2029 година се очекува да бидат повлажни од неодамнешниот просек за Сахел, северна Европа, Алјаска и северен Сибир и суви за овој период од годината над Амазон.
Се предвидува дека затоплувањето на Арктикот ќе продолжи да го надминува глобалниот просек, со влијанија врз дивиот свет и заедниците во регионот.
Заменикот генерален секретар на СМО, Ко Барет, рече: „Само што ги доживеавме 10-те најтопли години досега.
„За жал, овој извештај на СМО не дава никакви знаци на олеснување во наредните години, а тоа значи дека ќе има растечко негативно влијание врз нашите економии, нашите секојдневни животи, нашите екосистеми и нашата планета.“
ДПА