
„Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните” – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.
Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем”, рече Славески.
Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации”, истакна гувернерот.
Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост”, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
„Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес”, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените”, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).