Иако министерка најави дека во 2023 година очекува буџетот за култура да биде двојно повисок од 2022, истиот е намален, велат од Синдикатот за култура преку соопштение.
Во реакцијата на синдикатот се наведува дека оваа земја, покрај огромниот број измислени работни места за партиски гласови, измислени институции, покрај огромниот број профитери и неплаќачи на данок, има и култура што треба да биде поддржана, негувана, промовирана, затоа што народот некако си ја сака, си ја почитува.
Велат дека минатата година кога буџетот за културата беше скратен за 35 проценти била исклучително тешка за културните работници.
„Во културата, во оној сектор што за Владата е подобро да не постои, на почетокот на економски страшната 2022 година, кај повеќето институции буџетот беше скратен, а со ребалансот, вкупниот буџет за култура беше скратен за 35 отсто. Немаше пополнување на празните работни места кога некои наши колеги отидоа во пензија, немаше пари за унапредувањата, немаше пари за фестивали, немаше пари за програма. Немаше пари за култура. Имаше помош за гиганти, за неплаќачи на струја, беа помогнати неплаќачи на даноци, беа покриени долгови на општините и јавните претпријатија, беа исплаќани хонорари на луѓе што воопшто не живеат во државата. Владата, колку може, ‘помогна’ одвојувајќи од нашиот буџет“, се вели во реакцијата.
Синдикатот и’ порача на Владата дека покрај спортистите, културните работници се единствените што во континуитет земјата ја претставуваат на меѓународната сцена и остваруваат успеси. Освојуваат меѓународни награди и признанија. Успешно, колку што можат, ја претставуваат земјата во светот како културен натпревар. Сепак носат некаква радост на народот, кој се гордее со секој успех и на спортот и на културата.
„Секогаш сме имале разбирање за потребата на секоја Влада да ги преполни институциите со партиски директори, бидејќи други нема. Не е важно што тие не можат да обезбедат тоалетна хартија или да искречат. Важно е да се купат џипови. Со 6 звучници. Да има златен прибор за јадење во Владата. Ние, без пари, смрзнати, во сали што се распаѓаат, повторно ќе освојуваме меѓународни награди. И ќе се сликаме. Заедно со претставници на Владата. И многу ќе ни биде мило што тие ќе мислат дека тоа е нивни успех. Исто како што се сликаа со Горан Пандев, кој на калливите фудбалски терени во Македонија си ги кршеше нозете за да може некои функционери да се сместат во ложите на стадионите на европското првенство. Е па господа, 90% од младите луѓе сакаат да си заминат од државава. Немаат намера да мрзнат, да си ги кршат нозете, да си го губат здравјето, за некој да може да се слика. Кој сака да се слика, нека се слика“, додаваат од Синдикатот.