Поранешниот австралиски премиер Скот Морисон беше „цензуриран“ од Парламентот затоа што си дал тајни овластувања додека бил на функцијата.
Цензурата е начин на кој парламентот формално изразува несогласување со пратениците. Ваквите предлози се ретки и главно симболични, но можат да имаат политички последици.
Историскиот потег на парламентот дојде по извештајот дека дејствијата на Скот Морисон ја „нарушиле довербата во владата“. Тоа е првпат Претставничкиот дом да го осуди поранешниот премиер.
Имено, во август се покажа дека Морисон станал и министер за здравство, финансии, трезор и внатрешни работи, две години пред да ја загуби власта. Повеќето министри не знаеја дека споделуваат портфолија со Морисон.
Тој се бранеше дека си дал овластувања во неколку министерства во тешки времиња за време на пандемијата, нарекувајќи го потегот на парламентот „одмазда“ од противниците.
Истрагата покажа дека неговите назначувања биле легални и дека тој ги користел своите дополнителни овластувања само еднаш – да ја поништи одлуката на министерот за прашање кое не е поврзано со пандемијата.
Сепак, истрагата откри дека Морисон, сега пратеник, „фундаментално ја поткопа“ владата и дека повеќето негови назначувања немаат врска со пандемијата.
Актуелната премиерска влада вети дека ќе воведе нови регулативи кои ќе го обврзат премиерот во иднина јавно да ги објавува сите слични назначувања.
Премиерот Ентони Албанес, исто така, рече дека парламентот е должен да ги осуди постапките на неговиот претходник бидејќи тој ја оддалечил Австралија од „скапоцената демократија“.