Утрински Весник
Скопје

Скопје од 26 до 29 јуни ќе биде домаќин на Европското првенство во џудо за кадети

Image 230030.jpg

Во Скопје, од 26 до 29 јуни годинава ќе се одржи Европското првенство во џудо за кадети. Еден од најголемите меѓународни настани во Македонија во 2025 година ќе се одвива под слоганот „Младите ѕвезди на иднината“. Претседателот на Џудо Федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски очекува рекорден број учесници на еден ваков турнир и можност за промоција на нашата земја.

„Сите подготовки одат во најдобар ред. Од 51 земја членки на Европската џудо федерација, досега 19 се пријавени за настап во Скопје. Се разбира, роковите не се истечени, има време да се пријават и другите, но она што е посебно важно за нас е дека најдобрите и најквалитетните федерации – како Грузија, Азербејџан, Германија, Франција, Швајцарија…, веќе го потврдија своето учество. Околу 400 луѓе го потврдија своето доаѓање, вклучително и првите луѓе на Европската џудо федерација, така што очекуваме рекорден број учесници на едно кадетско првенство. Реално очекувам барем 40 земји да се натпреваруваат во Скопје“, изјави Трпаноски.


Тој додава дека на 12 јуни ќе учествува на Конгресот на Светската џудо федерација, во рамки на Светското првенство во Будимпешта, па таму ќе има можност повторно да се сретне со своите колеги и да ги добие сите дополнителни информации околу конечната листа на учесници.

Ние се подготвуваме максимално сериозно, бидејќи во џудото владеат високи критериуми кои мора да се испочитуваат. Кај нас многу малку се знае за овој аспект, па токму затоа, сакаме да и покажеме на пошироката јавност дека не станува збор само за благороден спорт, туку и одлично организирана џудо заедница на глобален план. Воедно, сакаме да ја оправдаме одличната доверба што ја имаме кај Европската федерација, особено по организацијата на двата џудо купови кај нас, кога се создадоа услови да се кандидираме и за Европско првенство. Тука сакам да потенцирам дека ова ЕП ќе биде извонредна можност за промоција на Македонија. Имено, кадетите како натпреварувачка категорија се најбројни во системот на џудото. Ако се земе предвид дека на светската сцена воопшто доаѓа до смена на генерациите, тогаш е разбирливо зошто токму на кадетите им се посветува големо внимание во џудото и оттаму доаѓа големата и сериозна заинтересираност за учество на првенството во Скопје“, појаснува првиот човек на македонската џудо федерација.

Македонија организацијата на првенството ја доби во конкуренција на шест други држави.

Можете да прочитате

Арсовска: Апелирам, Јавното обвинителство да не биде политички промотор на власта и да не биде инструментализирано како ПР на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН

Водовод – Скопје најави стратешка и технички сложена интервенција за унапредување на водоснабдителниот систем

Без струја корисниците од ул.Винички пат во село Виниче