Како што може да се види од фотографиите кои ги поседува Градска.мк, во Градскиот парк се монтираат реквизитите кои подолг период не функционираа и беа отстранети за да може да отпочнат градежни и други активности за да граѓаните добијат современ и модерен парк.
Иако ги прашавме во Град скопје што се случува во Луна паркот и зошто се монтираат овие елементи, сепак не добивме одговор до објавувањето на текстот.
Во својата програма градоначалничката Данела Арсовска вети најдобар луна парк на Балканот кој ќе биде отворен во првите две години од нејзиниот мандат. Со оглед на тоа што помина повеќе од половина од нејзиниот мандат сè уште не е започната изградбата на луна паркот, ова ветување го оценуваме како неисполнето.
-Спомените од скопскиот Луна парк не смее да останат само спомени. Затоа планираме брзо опремување на централниот Луна парк во Градскиот парк со бројни содржини (ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг). Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот. Освен за најмладите, овој парк на скопјани ќе им понуди содржини за сите возрасни категории. Останатите два забавни парка се планирани во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство.
Освен во предизборната програма, ветувањето за изградба на нов и модерен луна парк беше повторено од градоначалничката Арсовска и по нејзиното стапување на функција.
На крајот на 2021 година, Арсовска вети дека веднаш на стартот на 2022 година ќе започне да се уредува новиот луна парк. Тогаш градоначалничката најави дека веднаш во луна паркот ќе бидат поставени реквизити кои се веќе набавени (во времето на Трајановски), а кои одговараат и според новиот проект.
Во февруари 2022 година, на седница на Советот на Град Скопје беше усвоена одлука со која треба да започне реализацијата и изградбата на забавниот парк. Во соопштението до медиуми, од Град Скопје известија дека финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема и реквизити и нивно монтирање се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2022 година, додека следната фаза ќе биде реализирана со буџетот од 2023 и 2024 година.
Дури и при носењето на буџетот за 2023 година, од Град Скопје најавија дека во буџетот се планирани средства за реализација на новиот луна парк.
Поранешниот градоначалник Коце Трајановски пред речиси 13 години, во ноември 2011 година соопшти дека е распишан тендерот за избор на концесионер за изградба на нов луна парк. Пред истекот на мандатот на Трајановски, Град Скопје реши со свои средства да го гради луна паркот во неколку фази. Првата фаза започна во пролетта 2017 година, а најавите од Градот беа дека целиот проект треба да биде комплетиран следната (2018) година. Сепак и овие градежни активности брзо завршија, а во Градскиот парк на местото каде што треба да биде луна паркот сè уште се забележуваат остатоците од тие градежни активности.
Ветување за изградба на луна парк во центарот на Скопје имаше и ексградоначалникот Петре Шилегов, кој неколку месеци по доаѓањето на функција вети нов луна парк. Но, во април 2020 година Шилегов најави дека наместо за изградба на новиот луна парк, Градот ќе се задолжи 12 милиони евра, за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура. Во март 2021 година тогашната градска власт информираше дека ќе продолжи реализацијата на проектот за нов забавен парк, но сепак изградбата на луна паркот не започна до крајот на неговиот мандат.