Скопјанец со возило удрил во полицаец и во полициско возило поставено за блокада. Тој не застанал кога бил запрен од полицијата, туку продолжил да вози.
Нападот се случил на 14 февруари, веднаш по полноќ, во близина на фабриката Пивара во Скопје.
Осомничениот управувал автомобил „Рено лагуна“ со скопски регистарски ознаки и најпрвин не постапил по сообраќајна СТОП наредба со светлосна сигнализација издадена од неколку полициски службеници од Единицата за интервентна полиција. Наместо да застане за личен преглед и легитимирање, тој ја зголемил брзината на возилото и ја избегнал полициската контрола. По полициска радио врска била распишана објава за пронаоѓање на возилото на осомничениот, по што на критичното место била поставена блокада од полициска патрола на службени лица од СВР Скопје. Кога дошол до блокадата, осомничениот повторно се обидел да ја избегне, и продолжил да вози кон влезот на фабриката. Влезот го блокирале неколку полициски службеници со службено возило, а оштетениот полицаец излегол за да му даде сообраќаен стоп-знак на осомничениот.
Во тој момент осомничениот го насочил својот автомобил кон телото на оштетениот и со предниот дел удрил во него, нанесувајќи му телесна повреда – набиеници и расекотини на десната нога, а го оштетил и полициското возило поставено за блокада.
Бидејќи постои опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.