
Верски настан во Саат џамијата во Гостивар, организиран по повод Хетим Дова и во чест на покојниот Шакир ефенди Фетаху, беше обележан со инцидент со јасна етно-јазична димензија. Настанот привлече бројни верници, но и предизвика остри реакции од дел од заедницата.
Една од најгласните реакции дојде од познатиот политичар и активист Ердоан Сарач, кој на социјалните мрежи упати критики до раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ). Тој го обвини актуелниот поглавар на ИВЗ, Реис-ул-улема Шаќир Фетаху, за јазична дискриминација и непочитување на турскиот јазик во рамките на верскиот обред.
Во својата објава на Фејсбук, Сарач го изрази своето незадоволство од фактот што за време на обраќањето на поглаварот не била кажана ниту една реченица на турски јазик. Тој истакна дека како Гостиварец и член на турската заедница, очекувал барем кратко обраќање на турски, особено имајќи предвид дека турскиот е еден од официјалните јазици во Исламската верска заедница на Македонија.
„Протестирав со Реис-ул-улемата и јасно кажав дека ваквото игнорирање на турскиот јазик е неприфатливо“, наведува Сарач. Тој додава дека ситуацијата дополнително се влошила кога еден од имамите коментирал со израз „месојадски муабети“, на што Реис-ул-улемата не реагирал.
Според Сарач, ова е уште еден пример на јазична дискриминација која се повторува во последно време, и вети дека ќе продолжи да се бори за зачувување на јазичните права на турската заедница.
Настанот предизвика реакции и од други членови на заедницата, а според Сарач, одбивањето на поканата за празничниот настан во понеделник е знак на протест против, како што вели, игнорирањето на турскиот јазик и култура во верските обреди.