
Вистинската пречка за нашиот европски пат не се копенхагенските критериуми, ниту реформите, туку прифаќањето решенија и услови што не се врзани со владеењето на правото. Во случајот со македонските евроинтеграции, проблемот не е административен, туку лежи во уставните амандмани, потенцира претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во годишното обраќање.
Ние сме, додава таа, технички усогласен, но политички блокиран кандидат за членство, потсетувајќи на изјавите на бројни експерти и извештаи. „На вагата на Европската Унија, чинам дека нашите уставните измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, на крајот, политичкиот услов натежнува и ни се испорачува многу висока политичка сметка“.
Според претседателката, ако уставните промени беа гаранција за европски реформи и хармонизација во духот на европското право, ние, како што додаде таа, одамна ќе бевме во ЕУ. „Ама сè уште ни преговорите не сме ги започнале, повторно заради новата уставна измена што се бара од нас. Кому му одговара да бидеме надвор од ЕУ, ако не на третите сили? Кој отвара врата за влијание на трети сили, зарем е можно тоа да биде земја-членка на ЕУ и наш прв сосед? Како Европската Унија претендира да биде геополитичка унија, а притоа да ја држи нашата земја и Западниот Балкан во геополитички вакуум“, праша Сиљановска-Давкова.
Како што оцени, македонските евроинтеграции се школски пример за последиците од занемарување на процедурата како гаранција за демократијата.
„Ако изминативе години и децении некои наши политички и партиски лидери градеа национален консензус дома, тука, во ова Собрание, пред да одат во Брисел, како држава ќе избегневме погрешни чекори и непотребни отстапки и ќе заслужевме почит. Треба да учиме од нашите соседи, кои настапуваат едногласно за она што им е важно и не ги игнорираат декларациите донесени во нивните парламенти. Разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава. Има ли излез од оваа состојба? Има. Потребна е политичка волја, но не само наша, туку и на Унијата, оти сме предложиле повеќе излезни решенија, а Европската унија треба да избере едно, или да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас! Пораката што ја праќам од ова Собрание е дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена, ние ризикуваме од овој процес да излеземе како што старецот на Хемингвеј излезе од морето: со костур од риба, со соголен, изглодан суверенитет и идентитет, национален и културен. Ова прашање бара внимателно одмерување на секој чекор, бидејќи гледаме до каде нè доведоа „храбрите“ одлуки“.
Порача дека национален консензус ни е потребен повеќе од кога било порано, бидејќи, како што појасни, живееме во неизвесни времиња.



