
Претседателката на Македонија вечерва во гостување на Сител ТВ се осврна на темите од лидерската средба. Оцени дека техничката влада што функционира пред изборите во државава за која се разговараше на лидерската средба е препартиска и нема уставен основ. Смета дека не е добро сега да има предвремени парламентарни избори бидејќи според неа имаме многу сериозни проблеми почнати за извршување и оти е добро да се завршат некои од нив.
– Како професорка како и многу други мои колеги би рекла дека лидерските средби ги јакнат лидерите, но ги слабеат институциите, но во поделено општество како што е нашето и во рамки на консоцијативната демократија што ја вградивме не само во праксата туку и во Уставот добро е понекогаш да се сретнат. Многу подобро одошто да разговараат со посредници, амбиентот е поинаков, луѓето се однесуваат поинаку. И тогаш кога се надвор од очите на јавноста успеваат да бидат поприродни. Резулатот го видовме, сите беа релаксирани уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар. Мислам дека недостигаше и требаше таму да биде лидерот на опозицијата Венко Филипче, рече Сиљановска Давкова.
Неучеството на Филипче претседателката го гледа „како негова грешка“ затоа што, посочи, „доби покана“.
– Да, постојат технички влади, тие се формираат или во амбиент на кризи, пред избори, редовно се или експертски, составени од професрори, на чело на Владата е екперт или бирократи. Нашата влада се вика техничка, но нема ништо техничко во неа. Техничкото секогаш се врзува за стручност и комптенетност а никогаш не за партиска припадност. Ние имаме препартиска изборна влада, морам да кажам дека и покрај тоа што функционира нема уставен основ. Во Уставот во делот за влада нема да најдете никаде дека има преодна или техничка влада. Кога реков препартиска мислев на структурата, обично внатре седат најоданите партиски луѓе и она што ја прави интересна за проучување и за критика, зборувам во рамките на уставното право и политичкиот систем се некои чудни функции од типот на дополнителни заменици министри, дополнителни министри со некои чудни овластувања да имаат право на вето, рече претседателката.
Според неа, во техничката влада, „чудна надлежност има и Државната изборна комисија кога се работа за спорови врзани со финансиите“, а посочи и дека таа влада временски е ограничена, но оти и покрај тоа се применуваше неколку пати и не дојде на ред на Уставниот суд.
– Мене ми е позната реториката на сите партии, сите па и СДСМ и неговите лидери ги помнам како велеа дека треа да се укине техничката влада, дополни претседателката Сиљановска Давкова.
Таа порача дека е време да се креираат решенија во однос на измените на Изборниот законик за што се разговараше на лидерската средба.

