Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Мојата земја, во сè пофрагментиран свет, останува силно посветена на ефективниот мултилатерализам, со ОН во нејзиниот центар

Foto 4.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со заменичката генерална секретарка на Обединетите Нации, Амина Џ. Мохамед и се обрати пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија.

Изразувајќи сочувство за трагедијата во Кочани, Мохамед истакна дека од несреќата, за жал, сите научија голема лекција и сфатија дека може секому да му се случи. Според неа најдобрата одлука којашто ја направила државата е што голем дел од повредените биле испратени на лекување во странство. Со ваква голема загуба, посочи таа, ниту една земја не може и не треба да се справува сама.


Разговарајќи за улогата на Обединетите Нации, како организација создадена да го штити мирот, соговорничките се согласија дека по 8 децениско постоење, неопходно е Организацијата да се реформира во согласност со современите мировни и демократски предизвици.

„Да градиме почитувано и инспиративно лидерство, да ги облагородиме суровиот реализам и силата со идеализам, со право, етика и морал”, истакна претседателката.

Заменичката генерална секретарка рече дека ОН мора да ги задржат вредностите и принципите на Организацијата и да бидат погласни, со што на сегашните и на идните земји членки ќе им докажат дека има имаат бенефит од членството во ОН.

Осврнувајќи се на процесот на нашата евроинтеграција, заменичката генерална секретарка рече дека е важно ОН да се заложат за нас, како мала земја која неправедно и предолго, чека за влез во ЕУ.

Пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија, Сиљановска-Давкова истакна дека иако светот претрпе длабока геополитичка, економска, еколошка, демографска и технолошка трансформација, надлежностите, структурите и процедурите на ОН останаа главно непроменети.

„Неопходни се суштински реформи што ќе ги направи Генералното собрание и Советот за безбедност полегитимни и подемократски институции во исполнувањето на Повелбата на ОН. Советот за безбедност не може да се бира, да има состав и да одлучува како во 1945 година. Тој мора да се реформира и да стане поодговорен за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание мора да ја надмине својата дебатна улога и да прерасне во клучно тело во процесот на одлучување и креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите држави”, рече таа.

За неа координаторите на ОН се носители на глобалната совест, поборници и борци за мир, даватели на помош на оние на кои им е најпотребна, носители на надеж во време на очај. Таа им ја изрази и вети нејзината поддршка и додаде: „Како човек којшто го посветил својот живот на правото и правдата, сè уште верувам во потребата од ефективен мултилатерализам со силни, реформирани Обединети Нации”.

Претседателката исто така, ја истакна нашата заложба за интегрирање на Целите за одржлив развој во националната стратегија, фокусирајќи се на климатските активности, еднаквоста и владеењето на правото.

Можете да прочитате

Адеми за Груби: Немам поим каде е!

Филипче: Стојам на располагање да ги направиме уставните измени и да ги почнеме преговорите

Утре е голем празник: Една работа мора да ја направите