Утрински Весник
Скопје

Шукова: Скопје мора да се врати на луѓето град по мерка на човекот, не на автомобилите

Kaja sdsm.jpeg

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, на денешната прес-конференција ја претстави својата визија за урбаниот развој на главниот град, истакнувајќи дека таа се темели на принципите на одржливост, рамномерност и хуманост.
„Мојата визија за Скопје се гради на инклузивен раст, отпорна инфраструктура, достапни јавни простори и ефикасен транспорт. Новиот Генерален урбанистички план ќе се темели токму на овие постулати – град што се развива со луѓето, за луѓето”, изјави Шукова.

Таа нагласи дека клучна цел е воспоставување баланс во урбаниот развој меѓу јужниот и северниот дел на градот. „Неконтролираната градежна експанзија јужно од Вардар ја надмина инфраструктурата и го ‘задуши’ градот. Затоа ќе се фокусираме на развој на нови станбени населби северно од реката Вардар, каде што ќе се вложува во нова инфраструктура, со што ќе се привлечат инвестиции и ќе се обезбеди рамномерна урбана слика”, рече таа.


Во делот за сообраќајната инфраструктура, Шукова најави пренасочување на приоритетите – од автомобилите кон луѓето. „Скопје мора да премине од град на автомобили во град на луѓе. Пешаците и велосипедистите ќе бидат на врвот на сообраќајната пирамида. Центарот ќе го претвориме во пешачка зона, а новите булевари на северот ќе овозможат подобра поврзаност меѓу истокот и западот, без дополнителен притисок врз градското јадро”, потенцираше Шукова.

Посебен акцент стави на зелените површини, како предуслов за квалитетен и здрав живот. Таа најави изградба на 15 нови паркови за 15 месеци, подигање на Ботаничката градина кај ЈП „Паркови и зеленило”, пошумување на ободот на градот како продолжение на Водно и уредување на пешачко-велосипедската патека долж Вардар до Сарај.

„Зелените површини се белите дробови на градот. Скопје мора повторно да дише. Затоа ќе вложуваме во паркови, јавни простори и чиста животна средина”, рече таа.

Шукова ја претстави и долгорочната визија за развој на Скопје во наредните три децении, која, како што нагласи, ќе се темели на холистички пристап што комбинира одржливост, иновации и инклузивност. „Граѓанинот ќе биде во центарот на планирањето. Сакаме Скопје да биде креативен, отпорен и зелен град – место каде што луѓето живеат, работат и инвестираат во здрава и човечка средина”, порача Шукова.

„Ова е визијата за Скопје за која се бориме – град што ја почитува својата историја, но храбро гледа кон иднината”, заврши таа.

Можете да прочитате

Посебен сообраќаен режим во недела во Скопје

Посебен режим на сообраќај во недела во Скопје

Дводневна работилница за чист воздух и одржливи градови во рамки на проектот за моделирање на квалитетот на воздухот