
Шпанскиот премиер Педро Санчез го нарече Израел „геноцидна држава“ во парламентот во средата и порача дека Шпанија „не соработува со таква земја“, што е неговата најостра изјава досега за војната во Газа.
„Сакам да разјаснам, господине Руфијан: ние не соработуваме со геноцидна држава, не соработуваме“, рече Санчез за време на неодамнешната утринска седница во шпанскиот парламент, одговарајќи на пратеникот Габриел Руфијан, кој го обвини дека одржува трговски односи со Израел и покрај војната во Газа.
Санчез истакна дека претходно го објаснил својот став и додаде: „Мислам дека јасно објаснив од оваа говорница пред некој ден за што зборуваме кога се изнесуваат тврдења што не одговараат на вистината“.
Локалните медиуми објавија дека ова е првпат Санчез јавно да го употреби терминот „геноцидна држава“, термин што често го користи крајнолевичарскиот коалициски партнер во неговата влада, Сумар.
Израелското Министерство за надворешни работи веднаш реагираше и ја повика шпанската амбасадорка во Израел, Ана Саломон, на разговори.
„Поради тешките изјави дадени од шпанскиот премиер Педро Санчез, шпанската амбасадорка во Израел е повикана утре во Министерството за надворешни работи во Ерусалим на разговори“, се вели во соопштението на израелското министерство.
Лидерката на Сумар и втора потпретседателка на владата Јоланда Дијаз со месеци го обвинува Израел за геноцид и повикува на прекин на трговските односи со еврејската држава.
Изјавата на Педро Санчез доаѓа во време на засилени меѓународни критики за воените операции на Израел во Газа и дополнително затегнатите односи меѓу Мадрид и Тел Авив.
Шпанија ја призна Палестина во мај минатата година, заедно со Словенија, Ирска и Норвешка. Палестина досега е признаена од 147 од 193 земји-членки на ОН.