Кошаркарската репрезентација на Шпанија е прв полуфиналист на Европското првенство кога во Берлин ја совлада Финска со 100:90. Селекцијата на Серџо Скариоло вклучи во петта брзина во последните две четвртини и направи голем пресврт кога Финците подобро го почнаа натпреварот.
Финска го доби првиот период со 30:19, во тие мигови имаа фантастичен шут и сѐ им поаѓаше од рака. Шпанија намали на едноцифрена негатива (43:52) на одморот, а потоа тргна „фуријата“ на Скариоло.
Шпанците ја добија третата четвртина со 30:15 и комплетно ја анулираа негативата минувајќи и во водство. Продолжија со сигурна игра и во последниот период и заслужено се пласираа во полуфиналето.
Најефикасен во селекцијата на Шпанија беше Вили Хернангомез со 27 поени. Кај Финците очекувано Лаури Марканен постигна 28 поени.