Утрински Весник
Економија

Шок за студентите од „Work&Travel“: УЈП бара данок и за веќе оданочени приходи од Германија

Img 1210.jpeg

Македонски студенти кои учествувале во програмата „Work&Travel“ и работеле во Германија се соочуваат со неочекувани даночни обврски по враќањето во земјава. Како што информира студентската организација „Студентарија МК“, Управата за јавни приходи (УЈП) започнала да испраќа известувања со кои од студентите се бара да ги пријават своите приходи од странство и да платат данок иако тие веќе биле оданочени во Германија.

Според информациите, известувањата пристигнуваат по пошта и електронски пат, а најчесто ги добиваат студентите кои по завршувањето на работниот ангажман направиле поврат на задржаниот данок директно на своите македонски девизни сметки.


„Во Германија данокот се задржува автоматски од платата, а работниците имаат право на поврат на дел или на целиот износ. Токму тие средства сега се предмет на интерес од УЈП“, посочуваат од „Студентарија МК“.

Според известувањата, студентите се должни да поднесат електронска даночна пријава (Е-ПДД), да ги пријават приходите остварени во странство и да платат данок на средствата добиени преку поврат на данок од Германија.

Ова предизвика силен револт кај младите, кои сметаат дека станува збор за двојно оданочување. Тие укажуваат дека овие приходи веќе биле оданочени во земјата каде што се заработени и бараат појаснување од институциите.

Отворено останува прашањето како ќе се применуваат договорите за избегнување двојно оданочување меѓу Македонија и Германија и дали студентите ќе бидат ослободени од дополнителни давачки.

Можете да прочитате

Успешно претставени инвестициските можности пред бизнис заедницата во Унгарија 

Зголемени продажните цени на производителите на индустриски производи

Тренчевска: Меѓународен монетарен фонд – важен партнер за економски раст и реформи