Шефот на главната украинска разузнавачка служба, Кирило Буданов, во интервју за „Гласот на Америка“ изјави дека српските власти одбиле да ѝ го дадат на Русија оружје што Русите го побарале од нив. Буданов вели дека Иран е единствената земја што навистина ѝ испорачува сериозно оружје на Русија, пренесува „Укринформ“.
„Имаше информација дека нешто доаѓа од Северна Кореја, но немаме потврда за тоа. Не евидентиравме случај кога било употребено оружје што дошло од Северна Кореја. Можеби сè уште не сме го виделе тоа оружје или оди за некоја друга цел“, вели Буданов.
Русија се обидува да купи какво било оружје каде било бидејќи има големи проблеми. Сите во Русија се надеваа дека Србија ќе им продаде оружје, но тие одбија. Во Русија има одредени обиди за купување и увоз на оружје преку трети земји.
Сега се обидуваат со Мјанмар. Со текот на времето ќе видиме што ќе излезе од тоа. Всушност, во однос на оружјето, Русија е ограничена од Иран. Досега“, изјави Буданов за „Гласот на Америка“.
Буданов наведува дека Русија се заканува со нуклеарно оружје, но не го употребила. Мисли дека нема ни да го користи.
„Дали може да користат нуклеарно оружје? Хипотетички, сè е можно во животот. Дали е тоа реално? Не. Руското раководство не е полно со такви идиоти како што сакаат да му се прикажат на светот“, изјави Буданов и додаде дека „тие јасно разбираат оти нуклеарното оружје не е оружје, туку средство за стратешко одвраќање“.
Шефот на украинското разузнавање претходно изјави дека повеќе од 60 отсто од воената опрема е отстранета од долгорочно складирање во Украина и дека нема доволно оклопни возила.