
Шефот на Кабинет на Министерот за јавна администрација, Маја Рисова Мутлулар, заедно со националните кореспонденти за управување со квалитет и CAF од Министерството за јавна администрација, присуствуваа на свечениот прием во Кабинетот на Премиерот на Република Полска, по повод одржувањето на 10. CAF USERS EVENT, под покровителство на полското претседателство со Советот на Европската унија.
Настанот се одржа под мотото: „Паметно управување: Насочено кон граѓаните, водено од ефикасноста”, и претставуваше значајна платформа за размена на искуства и добри практики меѓу европските земји за подобрување на јавната администрација.
Претставниците од македонското Министерство за јавна администрација имаа свое излагање на настанот, при што ги презентираа националните достигнувања во примената на CAF моделот (Заедничка рамка за самооценување), како и тековните активности насочени кон унапредување на квалитетот и ефикасноста во јавниот сектор.
Македонската делегација активно учествуваше на тематските сесии посветени на иновации, управување со перформанси и вклучување на граѓаните во процесите на креирање јавни политики.
Министерството за јавна администрација упати благодарност до полското претседателство за поканата и за можноста да биде дел од овој важен европски настан, кој придонесува кон јакнење на соработката и размена на знаење помеѓу земјите членки и земјите аспиранти за членство во ЕУ.