Шефот на германскиот производител на оружје „Рајнметал“ е страствен ловец и во својата канцеларија чува мали модели на тенкови, а поради војната во Украина се најде во центарот на вниманието и стана важна алка во тектонската промена во германската политика за вооружување. Армин Папергер ја зголеми проценката на приходот на „Рајнметал“ оваа година бидејќи компанијата треба да обезбеди лавовски дел од 100-те милијарди евра што канцеларот Олаф Шолц планира да ги потроши за модернизација на Бундесверот.
Вчера, сепак, канцеларот Шолц одлучи да ги испрати тенковите Леопард што „Рајнметал“ ги произведува во соработка со Краус-Мафеи Вегман во Украина. После тоа, неговата акција достигна рекордна вредност, а пазарната капитализација скокна на околу 10 милијарди евра.
Германскиот устав забранува испорака на оружје во воените зони, но во говорот во Бундестагот по влегувањето на руските вооружени сили во Украина на крајот на февруари минатата година, Шолц најави пресврт во германската политика, испраќајќи помош на Украина, вклучително и оружје .
Руската инвазија на Украина ги подобри деловните перспективи на „Рајнметал“, но промената е многу подлабока, тврди Папергер, „Во минатото луѓето не навредуваа и ни се закануваа. Денес ми велат и ми пишуваат: „Фала богу што те имаме“, вели шефот на „Рајнметал“ во интервју за неделникот „Стерн“.
„ Оружјето може да направи страшни работи, но страшни работи може да се случат дури и ако го немате, како што видовме во Украина“, нагласува Папергер, инженер кој се приклучил на „Рајнметал“ во 1990 година.
Компанијата е основана уште во 1889 година и произведувала муниција за Германската империја и била клучен снабдувач со оружје на германската војска и во Првата и во Втората светска војна, кога била привремено национализирана.
Денеска произведува тенкови „Леопард“, оклопни транспортери „Пума“ и „Мардер“ и неколку видови муниција, како и делови за автомобили и турбини на ветер. „Рајнметал“ директно испорача системи за противвоздушна одбрана, муниција, воени камиони и теренска болница во Украина, а може да испрати и 139 тенкови „Леопард“ модел 1 и 2.