Доколку се намали данокот од 10 на пет проценти како што предлага премиерот Христијан Мицкоски, земјава може да заврши на т.н црна листа за даночни прашања, каде ги ставаат земјите кои не ги почитуваат стандардите на ЕУ и на ОЕЦД за фер даночење, вели за Рацин.мк професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ.
Тој појаснува дека оваа даночна реформа ќе донесе многу критики и од страна на ЕУ, и од страна на Инклузивната рамка на ОЕЦД, групата која беше одговорна за глобалниот минимален данок, во која и Македонија е членка.
-Би биле единствената европска земја на таа листа, што би влијаело многу лошо на угледот на земјата. Практично, би не гледале како даночен рај, додава Јовановиќ.
Иако Мицкоски убедува дека со намалувањето на стапката за корпоративен данок од 10 на 5 проценти за компаниите што ќе консолидираат добивка во Македонија и ќе остваруваат профит поголем од 50 милиони евра, во земјава ќе дојдат големи светски мултинационални компании, кои би се преселиле привлечени од ниските давачки, не е усогласена глобалниот минимален данок на добивка од 15 отсто, а земјава е во фаза на синхронизација на даночните законодавства со ЕУ.
Северна Македонија е една од 140 земји потписнички на иницијативата на Меѓународната организација за економска соработка и развој ОЕЦД која сака да стави крај на меѓудржавната трка со даночни ослободувања или олеснувања во привлекувањето инвестиции, но и да ги искорени даночните раеви. Нејзините ефекти ќе ги почувствуват 8.000 светски мултинационални компании.
Земјите од ЕУ, како и многу други држави во светот, на почетокот од годинава ги воведоа правилата за глобален минимален данок од 15 проценти. Тоа значи дека ако некоја фирма во Македонија плаќа данок од 5 отсто, матичната компанија ќе ги доплати останатите 10 отсто во земјата во која е сместена.
Според досегашните предвидувања на економистите триесет милиони евра годишно од даноци може да загуби државата, ако не се адаптира на новиот глобален минимален данок на добивка од 15 отсто.
Првите плаќања на овој данок ќе се случат во 2026-та, а ќе се однесуваат на 2024 година. Овој данок веќе е имплементиран во Бугарија и Хрватска кои се членки на ЕУ. Земјите од Западен Балкан тоа се уште не го сториле.
Педесетина компании кои работат во земјава и кои во најголем дел се странски, ќе бидат опфатени од оваа нова глобална давачка, покажале симулациите на една од најголемите сметководствени фирми во светот „Прајс вотерхаус куперс“ која беше презентирана уште во март годинава..
Северна Македонија единствено би имала бенефит само од компаниите што ќе отворат фирма во земјата и таа ќе биде мајка на други подружници, со што корпоративниот данок за сите нив би се плаќал во Македонија.
-Глобалниот минимален данок е прифатен практично сите најважни економии во светот, вклучувајќи ја и ЕУ, и САД каде не е целосно имплементира. Во земјава сè уште не се донесени домашните закони, што значи дека за да може да функционира таа намера на владата да привлече компании коишто тука ќе плаќаат ниска стапка на данок на добивка, треба таа компанија да не оперира во ниедна од овие 140 економии, ниту во која било друга позначајна економија. Такви мултинационални компании скоро и да нема во светот, или ако има тоа се сигурно некои сомнителни компании коишто перат пари од криминални активности или нешто такво“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во врска со најавата за намалување на даноците.
Јовановиќ посочува дека може да биде намера на Владата да се внесат валкани пари од некој од даночните раеви, ама тоа би одело доста тешко, и би имало многу реакции од ЕУ.
-Така што, според мене, најавава говори за „стручноста“ на новава власт, пред се’ на премиерот, и на министерката за финансии, кои мора да знаат вакви работи. Ако не знаат за ова, како може да им веруваме за други, поважни работи?, заклучува Јовановиќ.
Извор: Рацин.мк