Утрински Весник
Балкан

Северна Македонија ѝ го предаде на Албанија претседавањето со ПСЈИЕ

Qq 5.webp.webp

Во пресрет на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од идниот месец, претседателот на Албанија Бајрам Бегај соопшти дека ќе се фокусираат на неколку приоритети – членство во ЕУ, економска стабилност, зелена и дигитална агенда, туризам, култура и регионално поврзување.

Албанија третпат ќе биде на чело на ПСЈИЕ, а овојпат претседавањето го презема од нашата земја. На прес-конференција вечерва во Скопје, претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја поздрави Северна Македонија за „успешното и динамично претседавање со ПСЈИЕ“.

-Јас сум убеден дека работата и резултатите постигнати во време на вашето претседателство придонесоа да имаме посилна и поактивна организација и да изградиме подобра и подемократска иднина. Албанија останува проактивен поддржувач за регионалната соработка која го подобрува животот на граѓаните, ги засилува односите за добра соработка и помага во евроинтеграциските процеси, рече Бегај на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, чија земја претседаваше со ПСЈИЕ минатата година.

Бегај додаде дека во третото претседавање со ПСЈИЕ, кое ќе почне од јули, на Албанија ќе и помогнат искуството и успесите од досегашните претседавања со оваа организација.

Претседателот на Црна Гора Милатовиќ му посака успех на Бегај во едногодишниот мандат со водење на организацијата, а на Сиљановска-Давкова и го честиташе изборот за претседател на државата.

На прес-конференцијата тој истакна дека Црна Гора и Северна Македонија  делат заедничко минато, заеднички одговараат на предизвиците на сегашноста и, како што рече, уверен е дека имаме и заедничка европска иднина.

Посочи дека за време на претседавањето на Црна Гора со ПСЈИЕ минатата година, дефинирале две приоритетни теми – забрзување на европските интеграции на нашиот регион и унапредување на регионална соработка.

-Една година подоцна, денеска овде, во Скопје, со задоволство можам да констатирам дека направивме сите заедно значајни чекори во остварување на наведените цели и денеска сме многу поспреми за соочување со предизвиците што се пред нас, рече Милатовиќ.

Можете да прочитате

СИЛНО НЕВРЕМЕ ЈА ЗАФАТИ СОСЕДНА СРБИЈА: Силниот ветер корнеше дрвја и покриви!

Посилен земјотрес ја стресе Грција предмалку

Руси во Србија годинава купиле станови во вредност од  85 милиони евра, најмногу во Белград