
Хрватската музичка ѕвезеда Северина ги повика граѓаните да се приклучат на протестот во сабота, петти септември, ќе се одржи во Загреб против проблемот со опасниот отпад во Лика.
Граѓанската иницијатива „Госпиќ е нашиот дом“ го организира протестот под мотото „Оди за Лика, оди за Хрватска“. Собирањето на учесниците ќе започне во 11 часот пред Главната железничка станица, по што ќе следува марш до плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“. Централниот дел на протестот е најавен за 12 часот.
Северина претходно ги повика граѓаните да учествуваат на протестот за време на концертот во Карловац.
„Мораме да се чуваме, мораме да се грижиме едни за други. Затоа, на 5 септември дојдете во Загреб – за Госпиќ, за Лика, за Бенковац, за сите градови“, порача таа.
„Смртта, болеста и корупцијата немаат идеолошки предзнак“
Во објава на Инстаграм, пејачката остро го критикуваше односот кон проблемот со загадувањето и опасниот отпад.
„Смртта, болеста и корупцијата ги погодуваат сите и немаат идеолошки предзнак. Не постои идеологија што поддржува загадување или кражба од страна на поединци“, напиша Северина.
Таа се осврна и на политичките случувања во Србија, посочувајќи ги протестите на студентите и обвинувајќи ја власта за притисок врз демонстрантите.
Северина ги повика и спортистите и јавните личности, без оглед на нивната политичка определба, да се приклучат на протестот.
„Нека дојдат што повеќе јавни личности, од кој било светоглед. Хрватска е во прашање“, порача таа.

