
Глобално истражување спроведено на повеќе од пет милиони деца и тинејџери од 50 земји покажува загрижувачки тренд видот кај младите постојано се влошува, а денес секое трето дете боледува од миопија, односно не гледа јасно предмети во далечина.
Децата и тинејџерите поминуваа многу повеќе време пред екрани и многу помалку на отворено, што дополнително го влоши развојот на видот.
Миопијата се смета за се поголем јавно здравствен проблем на глобално ниво, со ризик дека до 2050 година ќе влијае на милиони нови случаи кај деца.
Највисоки стапки на миопија се забележани во Азија – 85% од децата во Јапонија и 73% во Јужна Кореја страдаат од кратковидост, додека во Кина и Русија повеќе од 40% од младите се погодени. Најниска стапка е регистрирана во Парагвај и Уганда (околу 1%), додека во Обединетото Кралство, Ирска и САД околу 15% од децата и тинејџерите имаат миопија.
Истражувањето открива дека миопијата кај младите се зголемила тројно помеѓу 1990 и 2025 година, достигнувајќи 36%, а особено значителен пораст е забележан по пандемијата на коронавирусот.
Експертите препорачуваат повеќе време на отворено, пауза од екрани и редовни очни прегледи за да се намали ризикот од кратковидост кај децата.


