Утрински Весник
Економија

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Sovet Na Narodnata Banka 1.jpg

Советот на Народната банка на својата редовна седница го разгледа Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на интеграција во ЕУ, во периодот ноември 2023 – октомври 2024 година. Во Извештајот се дава осврт кон препораките од Програмата за економски реформи 2024 – 2026 година, наодите од поткомитетите во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во кои учествува Народната банка, проектите на Народната банка финансирани преку ИПА, како и на останати активности поврзани со ЕУ.

Во Извештајот се заклучува дека значаен исчекор во приближувањето кон ЕУ е поднесувањето на барањето од Народната банка за вклучување на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Пристапот во СЕПА ќе им овозможи на граѓаните и на компаниите да добијат поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра. Според Европската комисија, со помош на претпазливата монетарна политика инфлацијата се стави под контрола, сепак потребно е натамошно внимателно оценување, анализа и следење на ценовните движења. Во однос на монетарната политика, оценето е дека има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ во однос на забраната за монетарно финансирање на јавниот сектор и забраната за привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиските институции, но и дека е потребно понатамошно усогласување заради задржување на независноста на Народната банка. Банкарскиот сектор е отпорен, додека сетот макропрудентни инструменти е зајакнат. Во однос на платните системи, транспарентноста на условите за користење на платежните услуги е подобрена, откако Народната банка ја воведе алатката за споредба на надоместоците за најчесто користените платежни услуги коишто ги обезбедуваат локалните банки. Треба да се спроведува Законот за платежни услуги и платни системи со цел да се воведат повеќе разновидни висококвалитетни и сигурни платежни услуги, за што ќе придонесе и воспоставувањето унифициран регистар на банкарски сметки.

Советот на Народната банка на седницата донесе и одлуки со кои се усогласува правната рамка за спроведување на монетарните операции со измените и дополнувањата на Законот на Народната банка. Притоа, за унапредување на оперативната рамка на Народната банка и заради примена на најдобрата меѓународна практика, се дефинираа и се воедначија критериумите за пристап на банките и штедилниците до монетарните инструменти за повлекување и обезбедување ликвидност.

Советот на Народната банка разгледа и усвои и други акти од областа на работењето на централната банка. 

Можете да прочитате

Во јануари почнува реализацијата на унгарскиот заем за компаниите

Десет фирми за пет години добиле тендери за една милијарда евра

Ангеловска-Бежоска на Банкарскиот самит во Белград: Банкарскиот систем важен фактор за побрза конвергенција кон ЕУ