
Градот Скопје започна голема акција за целосно уредување и санација на пешачката зона долж кејот на реката Вардар, на потегот од Лисиче до Влае.
Кејот на Вардар е едно од најпосетените и најзначајните места за скопјани простор каде граѓаните спортуваат, се рекреираат, поминуваат време со своите семејства и создаваат пријателства и спомени. Токму затоа, неговото одржување и уредување претставува обврска и одговорност кон сите граѓани.
Во рамки на акцијата се заменуваат уништените и оштетени подни плочки, се нивелираат нерамните површини и се санираат оштетувањата долж пешачката зона. Целта е кејот да биде повторно безбеден, функционален и уреден простор достапен и пријатен за сите генерации.
Уредувањето на кејот е дел од пошироките активности за враќање на животот и содржините на овој простор. Во изминатиот период се изградени нови спортски терени и се поставува современа урбана опрема, а паралелно се реализира и голема акција за темелно расчистување на коритото на реката Вардар на територијата на Скопје.
Кејот е пулсот на Скопје,место каде што градот живее и каде што секојдневно престојуваат илјадници граѓани. Затоа, неговото уредување, одржување и развој остануваат еден од приоритетите во создавањето подобар и поквалитетен јавен простор.
Градот Скопје продолжува со активности за унапредување на кејот и негово претворање во современ, безбеден и функционален простор кој ќе им служи на скопјани и на идните генерации.


