Утрински Весник
Економија

Се одржа 55. сесија на Клубот на истражувачите на НБРМ

Narodna banka.jpg

Во Народната банка се одржа 55. сесија на Клубот на истражувачите. На оваа сесија беше претставен научниот труд „Моделирање на краткорочната побарувачка на готовите пари во оптек во Северна Македонија” од авторката Марија Стојкоска. Сесијата ја отвори гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, којшто истакна дека Клубот претставува платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научноистражувачката дејност во земјава во изминатите 12 години. Тој посочи дека трудот истражува област којашто е исклучително релевантна за централната банка, како институција којашто е задолжена за носењето и за спроведувањето на монетарната политика. Оттука, од посебно значење е и прецизноста во предвидувањата на движењето на готовината во оптек на дневна основа, со примена на современи алатки и економетриски техники.

Авторката Стојкоска посочи дека готовите пари во оптек се дел од билансот на состојба на централната банка и имаат големо значење затоа што директно влијаат на тоа колку ликвидни средства им се потребни на банките во домашна валута. Токму затоа, прогнозирањето на готовината во оптек е важно за централната банка – ѝ помага полесно да управува со ликвидноста и успешно да ја спроведува монетарната политика. За таа цел, во рамките на трудот, авторката конструира модел на временски серии заснован на моделот за прогнозирање на дневната денарска готовина во оптек АРИМА, имајќи го предвид меѓународното искуство на други централни банки и препораките од литературата и детално го образложува моделот. Во истражувањето се опишува примената на моделот кај нас, а добиените резултати упатуваат на неговата висока прецизност во прогнозирањето на краток рок. Неговата примена во практиката ќе придонесе за унапредување на проекциите на ликвидноста на банките и за поефикасно управување со паричните текови преку соодветна поставеност на монетарните инструменти.


По завршувањето на презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на сесијата.

Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.

Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/klub_na_istrazhuvachi.nspx. 

Следната сесија ќе се одржи во декември годинава

Можете да прочитате

Претставници на Нвидиа, Леново и експерт од екосистемот на ОпенАИ на годишната конференција на МАСИТ во Скопје

Студија на Групацијата EOS покажува како банкарството се менува: Секој трет за чувствителни финансиски прашања полесно разговара со ВИ агент отколку со човек

Мицкоски: Извозот расте побрзо од увозот, трговскиот јаз во третиот квартал е намален за 85–86 милиони евра