Денеска, на 2 Август, Илинден, се одбележуваат два големи историски и државотворни настани, 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Премиерот Христијан Мицкоски денеска го честиташе Илинден и посочи дека овој ден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина и нашиот најсилен повик за акција и единство денес.
„Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода. Борбата не е завршена! Борбата продолжува! Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Борбата за иднина, борбата за Македонија во рацете на народот е нашата обврска. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Нека е честит и вековит Илинден“, напиша Мицкоски.
Тој денеска ќе присуствува на централната манифестација на одбележувањето на Илинден – Денот на Републиката под слоганот „Борбата трае“ која ќе се одржи во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен. Мицкоски претходно ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот Слива и на Мечкин Камен.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Илинден ќе го одбележи во Пелинце, ќе положи свежо цвеќе пред меморијалниот центар АСНОМ ќе ги посети и спомен-собата во Меморијалниот центар и манастирот „Свети Прохор Пчински“. Таа го честита Илинден и потсети дека на овој празник се потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците, а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна.
„Борбата на нашата генерација е, чувајќи го наследството на илинденците и асномците, да ја направиме нашата македонска република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да го спречиме иселувањето и да создаваме иднина за младите, тука, во нашата заедничка македонска татковина. Таа борба ќе ја добиеме со европеизација на државата, со владеење на правото и искоренување на корупцијата, со компетитивна економија и грижа за животната средина, со сплотување околу општото добро и јавниот интерес“, рече Сиљановска-Давкова.
Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.